По еден месец Арсовска се врати во калта на „Калош Дани“


Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со екипите од Секторот за планирање и уредување на просторот и јавното претпријатие Улици и патишта Скопје, извршија увид во градежните работи на улицата „Калош Дани“ во општина Карпош.

Реконструкцијата на оваа улица почна пред еден месец, поточно на 29 ноември, а се реализира со меѓуопштинска соработка со Општина Карпош, со што според градските власти, продолжуваат активностите за подобрување на сообраќајната мрежа во овој дел на Скопје. 

Но, она што може да се забележи од фотографиите пред еден месец и денеска, Арсовска не помина по афалтна, речиси готова улица, туку по истите калливи душки, полни со вода. 

Еве ги денешните фотографии:

Арсовска и Јакимовски зацапаа во калта на „Калош Дани“ – улица што ни Гугл мапс не може да ја најде

Инаку, како што соопштија од градот, на оваа локација, покрај изградбата на клучката кај Момин Поток и новата кружна крстосница помеѓу булевар „8 Септември“ и улица „Скупи“, потребно е да се изврши и реконструкција на секундарната сообраќајна мрежа. На барање на граѓаните кои секојдневно се движат на овој потег во населеното место Момин Поток, се реконструира улицата „Калош Дани“ која е во катастрофална состојба и нејзината реконструкција е од големо значење за зголемена безбедност на сите учесници во сообраќајот.

Екипите на ЈП „Улици и патишта“ работат на коловозот во вкупна должина од околу 2.000 метри, а предвидена е и изведба на велосипедски и пешачки патеки. Истовремено во населбата Криви Дол во Карпош се градат и две новопроектирани улици со кои дополнително се подобрува секундарната сообраќајна мрежа во овој дел на општината.

Секако, и во претходното соопштение и во ова (оти медиумите ги дознаваат овие прошетки само откако ќе се случат), нема  информации за тоа колку време ќе трае реконструкцијата, сепак, се знае барем кој е изведувач, а тоа е ЈП „Улици и патишта“.