Арсовска и Јакимовски зацапаа во калта на „Калош Дани“ – улица што ни Гугл мапс не може да ја најде


Додека граѓаните оечкуваат куп одговори од градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, за тоа дали Скопје ќе биде украсено за Нова година и ќе има ли воопшто некаков дочек на плоштадот, таа денеска заедно со градоначалникот на Kарпош, Стевче Jакимовски се прошетаа по улицата „Калош Дани“ во Момин Поток, за да ја најават нејзината реконструкција.

 

Јакимовски и Арсовска насмеани се гледаат на фотографиите пласирани од нивниот пи-ар на Фејсбук, како шетаат по улицата полна дупки и кал, внимавајќи да не се извалкаат.

Google maps не ја наоѓа улицата

Инаку, двајцата градоначалници се прошетаа по оваа улица за да го најават нејзиното санирање во должина од 2 километри, како дел од меѓуопштинска соработка, изгласана од советниците во август годинава.


– Со градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски денеска извршивме увид во почетокот на градежните работи за реконструкција на улицата „Калош Дани“ во општина Карпош. Градот Скопје во изминатиот период реализира голем број на капитални инфраструктурни проекти со кои овозможуваме подобра поврзаност и мобилност на граѓаните, како и зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот. Екипите на јавното претпријатие „Улици и патишта“ кои работат активно на терен, ќе ги изведат градежните работи на коловозот на улицата во вкупна должина од 2000 метри, а предвидени се соодветни вело и пешачки патеки со што се реализира уште едно ветување од програмата За модерно Скопје, за развој на велосипедската мрежа од приградските населби кон централното градско подрачје – се вели во текстот пласиран заедно со фотографиите.

Арсовска смета дека на оваа локација, потребно е да се изврши реконструкција на секундарната сообраќајна мрежа која во моментов е во многу лоша и руинирана состојба, со огромни ударни дупки и е небезбедна за учесниците во сообраќајот.

Реконструкцијата на улицата „Калош Дани“ е од витално значење и се реализира на барање на граѓаните кои се движат секојдневно на овој потег, додава градоначалничката.
Реконструкцијата на оваа улица се реализира со меѓуопштинска соработка меѓу Градот Скопје и Општина Карпош, а градежните работи ги изведува јавното претпријатие „Улици и патишта“.

Традиционално, откако Арсовска е градоначалник на Скопје, нема информација за тоа колку време ќе трае реконструкцијата и колку ќе чини.