По цел ден молчење градоначалникот на Кочани поднесе оставка

Љупчо Папазов бара обвинителството да ја испита и неговата улога во трагедијата и вели дека е целосно скршен. Полицијата вчера го испрашувала


Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов

 

Откако вчера беше исчезнат цел ден во време голема трагедија го снајде неговиот град Кочани, градоначалникот Љупчо Папазов денеска поднесе неотповиклива оставка. Македонската јавност, а особено неговите сограѓани, беа целосно зачудени зошто го нема градоначалникот Папазов во најтрагичните моменти за неговиот град и дури попладнето по големите реакции се јави со објава на Фејсбук.

И оставката тој ја поднесе преку Фејсбук.

„Оваа загуба е огромна. Не постојат зборови што можат да ја опишат болката што ја чувствуваме сите. Тие деца беа наши деца. Ги познавав повеќето од нив, ги познавав и нивните семејства, а со дел од нив и сме семејни пријатели. Шокот и скршеноста што ги чувствувам ќе траат во целиот мој живот. Оваа трагедија ги остави Кочани и Македонија во црнина, а празнината што остана е непреболна“, напиша Папазов на Фејсбук.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на денешната прес-конференција соопшти дека полицијата извршила разговор со Папазов (тој е член на ВМРО-ДПМНЕ). Тошковски вчера речиси сите осомничени ги сведе во графата виновни, а за Папазов нагласи дека ако имало одговорност кај него сигурно ќе одговарал.

Папазов во обраќањето на Фејсбук бара од надлежните институции да ја испитаат одговорноста на сите инволвирани.

„Непостапувањето е исто така одговорност. Мора да се истражат сите детали, да се најдат сите пропусти, а сите лица што придонеле кон оваа трагедија мора да одговараат. Јас се ставам целосно на располагање на институциите. Иако според закон немав директни надлежности во овој случај, подготвен сум да одговорам на сите прашања за сѐ’, како и за моите лични постапки“, пишува Папазов.

Тој го повикува обвинителството да испита дали има каков бил основ за одговорност кај него.

„За мене, после оваа трагедија, ништо повеќе нема исто значење. Ова беа наши деца. Многумина, со право, забележаа зошто вчера не излегов во јавност цел ден. Но, тие што ме познаваат знаат колку сум скршен и како го доживувам ова што се случи. Тешко е, и тешко ќе го преживеам. Работев чесно и посветено целиот свој живот! Никогаш не сум ни помислил дека вака ќе заврши и мојот ангажман, но сега се повлекувам од оваа функција, молејќи го Бога за душите на нашите деца, за нивните семејства и за народот на Македонија“, напиша Папазов на Фејсбук.