По апсењето на Боки 13: Никој не знае што ќе се случува со 1ТВ
По апсењето на самопрогласениот сопственик на 1ТВ, Бојан Јовановски, попознат како Боки 13, неизвесна е судбината на медиумот со оглед на претходната пракса, кога против сопствениците се покренува судска постапка, новинарите да остануваат без работа.
Ќе се случи ли тоа и со 1ТВ, останува времето да покаже, а еден ден по отворањето на случајот на Обвинителството за организиран криминал за рекетирање, во кој Јовановски е осомничен дека зел рекет во висина од 1,5 милион евра од осомничен за да се прекине истрагата против него, раководниот тим на телевизијата не знае што ќе се случува понатаму.
Новинарката Јадранка Костова вели дека авторскиот договор со 1ТВ ѝ завршил со интервјуто со Бојан Јовановски, кој сега се наоѓа притвор.
„Не знам што ќе се случува со телевизијата. Веќе две-три недели не одам таму. Немам никаков контакт. Јас работев таму со авторски договор. Ја правев емисијата во петок и само во петок се појавував во телевизијата“, вели Костова за „Независен весник“.
Таа е координатор на проектот „Фокус“ и вели дека на тоа работи.
„Со оглед на годините, премногу ми беше и емисијата во 1ТВ. Сакав да се откажам и претходно, но со интервјуто на Јовановски заврши и мојот ангажман во телевизијата“, вели Костова.
Инаку, во споменатото интервју со сопственикот на 1ТВ, тој најавуваше нови проекти од септември, со нова програмска шема. Дури најави и продолжување на долгонајавуваниот „Македонски инсајдер“ кој заврши неславно, по само една емисија, која помина со безброј грешки.
Слично нѝ одговори и Борјан Јовановски.
„Мојот авторски договор со 1ТВ истече на 1 јули годинава. Таму работев на мојата емисија и на работа се појавував само во среда кога ја правев емисијата. Што ќе се случува со медиумот понатаму, не знам“, ни изјави Борјан Јовановски, кој е уредник на порталот „Нова ТВ“.
Главниот и одговорен уредник Ацо Кабранов, исто така, не знае што се случува во телевизијата, затоа што веќе десетина дена е на боледување.
„Во телевизијата имаше повеќе новинари што работеа со авторски договор, но и такви што се вработени таму. Досега платите на вработените се исплаќаа редовно. Што ќе се случува понатаму, не знам“, изјави Кабранов за „Независен весник“.
Тој потенцира дека Јовановски никогаш не им се мешал во уредувачката политика и дека новинарите непречено си ја работеле работата.
Новинарите што работат во 1ТВ велат дека со денови уредниците не доаѓале на работа. Единствено Гордана Дувњак е на работното место и ги координира работите. Досега платите им биле исплаќани редовно, а уредно се пријавени и им се исплаќаат придонеси. Не примале плата на рака, туку сè одело преку трансакциска сметка.
Менаџерскиот тим на телевизијата не беше достапен за коментар, а нè упатија да поставиме прашања на официјалната електронска адреса, но до затворање на весникот не одговорија што ќе се случува со медиумот по апсењето на Јовановски.
Според импресумот на интернет-порталот, главен уредник на 1ТВ е Ацо Кабранов, но таму, според неговите зборови, работи како хонорарец, затоа што е пензионер. Набројани се шестмина уредници, Јадранка Костова, Борјан Јовановски, Александар Чомовски, Сашо Ордановски, Анета Кочишки и Гордана Дувњак. Дел од нив велат дека не треба да стојат во уредничкиот тим со оглед на тоа што договорите со телевизијата им завршиле на почетокот на овој месец, со завршување на сезоната на дебатните емисии што ги водеа.
Понатаму, набројани се 25 новинари и тројца надворешни соработници, од кои дури шестмина претходно работеа во ТВ Нова на Сеад Кочан, кој е осуден на казна затвор за случајот „Труст“ за злоупотреба на јавна набавка. Покрај нив, во техничкиот дел на телевизијата 1ТВ работат уште неколкумина што претходно работеа во ТВ Нова и ја доживеаја судбината медиумот, речиси преку ноќ да биде затворен, а тие останаа без работа.
Колку апсењето на Бојан Јовановски ќе влијае врз работата на 1ТВ не се знае, затоа што според претходните информации, тој не фигурира во официјалните документи на фирмата. Напротив, сопственик на медиумот, според податоците од Централниот регистар, е фирмата „БМЈ медиа груп“, а директор е Јасна Мандиќ која, пак, е сосопственик на „БМЈ медиа груп“ заедно со таткото на Бојан Јовановски, Миле Јовановски. 1ТВ беше основана на 28 март минатата година.
Од Здружението на новинари велат дека контактирале со уредништвото на телевизијата од каде што им кажале дека не знаат како понатаму ќе функционира медиумот. Велат дека се загрижени за иднината на новинарите, кога медиуми се затвораат, а десетици новинари остануваат без работа.
Билјана Богдановска