По 40 години ќе се рехабилитира системот за отпадни води во Дојран, ќе проработи и хидросистемот „Ѓуриште“


Фото: Б. Грданоски
Водосотојот на Дојранското Езеро е паднат за околу 1,5 метри, но денеска беше најавена  рехабилитација на системот за отпадни води, а и повторно ставање во функција на хидросистемот „Ѓуриште“, кој не работи од март 2021 година, поради преголеми сметки за струја.
 
Системот за отпадни води е изграден во осумдесетите години на минатиот век и од тогаш, досега тој не е рехабилитиран, но сега со средства од Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање, како и словенечката Влада, ќе се вложат 3,5 милиони евра за негова обнова.
 
Премиерот  Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше на почетокот на санацијата и реконструкција на колекторскиот систем и почеток на постапка за изградба на нова пречистителна станица во Дојран. На настанот присуствуваа и министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, амбасадорот на Република Словенија во земјава, Грегор Прескер, како и Анго Ангов, градоначалник на Општина Дојран.
Со проектот за санација и реконструкција на колекторски систем и почнување на постапка за изградба на нова пречистителна станица во Дојран, системски се решава собирањето и пречистувањето на отпадните води во целата општина. Вредноста на проектот е 3,5 милиони евра, буџетски средства и донација од Словенија, соопштија од Владата.
„За прв пат по повеќе од 40-тина години, оваа Влада вложува во рехабилитацијата на системот за отпадни води, овде во Дојран. Од изградбата на стариот колектор и неговото пуштање во употреба во 80-тите години, досега, тоа не било направено. Со серијата зафати кои ги предвидуваме, се очекува системско решавање на проблемот со собирање и пречистување на отпадните води од Стар и Нов Дојран и другите населени места во општината. На овој начин обезбедуваме максимална заштита на езерските води и на целокупниот еко систем на Дојранското Езеро кое што е законски заштитено подрачје како споменик на природата од 2011 година“, истакна премиерот Ковачевски во неговото обраќање на настанот во Дојран.
Спореднего еден од врвните приоритети на Владата, како што нагласи премиерот, е заштита на животната средина насекаде низ нашата земја и при тоа додаде дека се вложува во капитални проекти со коишто животот на граѓаните се менува на подобро.
Фото: Б. Грданоски
„Вложуваме во региони заборавени не со години, туку со децении. Само во делот на изградба, реконструкција или рехабилитација на водоводни и канализациони мрежи низ целата наша држава тековно за 2022 и 2023 година во фаза на реализација се над 48 проекти финансирани со сопствени буџетски средства и тоа директно од Буџетот или преку Програмата за води и Програмата за инвестиции во животната средина“, рече премиерот Ковачевски, набројувајќи ги тековните проекти кои се реализираат во државата.
Премиерот Ковачевски потенцира дека државава воспоставила регионална соработка со сите соседни држави во сите области на заштита на животната средина со цел усогласување на нашето законодавство со европското и подготовка за преговори за членство во ЕУ во Поглавјето 27- животна средина и клима.
 
Фото: Б. Грданоски
„Ако се движиме кон ЕУ, треба и така да се однесуваме. Како Влада и како Министерство со 135 милиони денари ја поддржуваме Општина Дојран за реконструкција на колекторскиот систем за отпадни води и изградба на нова пречистителна станица со што ќе се заштитат водите и целиот еко-систем на Дојранското Езеро како уникатно заштитено подрачје и исклучително привлечна туристичка и транзитна дестинација“, истакна министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, додавајќи дека реализацијата на овој проект е добар пример на соработка на централната власт, локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и Словенија како земја членка на ЕУ.
„Предложениот проект не е само од билатерално и национално значење, туку и меѓународно бидејќи Дојранското езеро е заштитено со Рамсарската конвенција за заштита на светските мочуришта, дел од иницијативата Балкански зелен појас и е важен елемент на миграцискиот пат за многу птици. Затоа решивме активно да го поддржиме овој проект бидејќи сакаме и идните генерации да уживаат во убавината на Дојранското езеро“, рече амбасадорот на Република Словенија во земјава, Грегор Прескер.

Градоначалникот на Општина Дојран, Анго Ангов се заблагодари на Владата, како и на Амбасадата на Словенија за обезбедените средства за проектот.

„Изградбата на оваа нова станица и целосната реконструкција на колекторскиот систем ќе значи и конечно решавање на проблемот стар речиси четири децении. Кога станува збор за здравјето на граѓаните, за добросостојбата на нашиот бисер, Дојранското Езеро, како и за здравата и чиста средина – не постојат компромиси. Среќен сум затоа што сите ние заедно сме дел и испишуваме нова, здрава, еколошка и зелена иднина за нас и нашите деца“, истакна градоначалникот на Дојран, Ангов.
 

Шукова најави потворно пуштање на Хидросистемот „Ѓавато“

На првата седница на Влада ќе има информација за повторно пуштање на Хидросистемот „Ѓавато“, најави денеска министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, која одговараше на прашањето кога повторно ќе се пушти овој систем, бидејќи нивото на Дојранското езеро е падното за метар и половина. Шукова истакна дека конечно ќе се исправи и грешката од пред осум или девет години, кога тогашна владејачка партија ВМРО ДПМНЕ го укина јавното претпријатие.

-Само од нив познати причини, најверојатно, го укинаа јавното претпријатие и го дадоа на управување на министерството, што согласно Законот е „нон сенс“. Ние ќе ја исправиме таа грешка. Јавно претпријатие беше планирано пред неколку години да се формира, но заради енергетската криза моравме тоа да го одложиме, бидејќи сметките за струја станаа енормно големи и сега кога се стабилизира тој пазар. Во комуникација сме со претседателот и градоначалниците од регионот повторно да се актуелизира прашањето за формирање на Јавно претпријатие, рече Шукова.

Министерката за животна средина и просторно планирање, Шукова додаде дека Хидросистемот „Ѓавато“ има неколку функции-едната е од него да се носи, влева вода во Дојранското езеро и како второ може да го снабдува Богданскиот и Дојранскиот регион со вода за пиење, кој има капацитет од 1.000 литри во секунда.