По 300 евра поддршка, платена бугарска телевизија и судска заштита – „пакет“ за да се стане Бугарин

Првиот човек на Фондацијата „Македонија“ сега изброја дека во Србија имало два милиони Бугари, а половина од српската територија, всушност, била бугарска


 

Членството во Европската унија им дава се повеќе „крила“ на јастребите во Бугарија кои, по ветото за Македонија во Брисел, пробуваат својот привилегиран статус да го материјализираат и во однос на другите држави во регионот. Пропагандата што со месеци беше насочена кон Македонија сега се вперува кон Србија, со очигледна намера во некоја фаза од преговорите Бугарија да покажува „мускули“ и на Белград.

Осилен од случувањата досега, првиот човек на бугарската Фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, кој беше прогласен непожелен и вратен од нашата граница пред чествувањето на годишнината на Гоце Делчев, сега почна да ги пребројува Бугарите во Србија и стигна – до два милиона!

Според мапата што тој ја објави на својот ФБ профил, Бугари живеат речиси на половина од територијата на денешна Србија, вклучувајќи ги Крушевац, Ниш и Бор, при што коментарите на неговите следбеници беа дека Срби всушност има само во Република Српска, бидејќи Војводина е унгарска, а Поморавјето му припаѓа на Бугарија. Дијалектот во Пирот пак се толкува како поблизок јазик до бугарскиот отколку до српскиот, при што Стојанов најавува дека наредните месеци двојно ќе ги засили напорите да ја шири бугарската култура и самосвест во оваа држава.

И тоа не е сѐ. Изминатите недели Стојанов патуваше низ сите држави кандидати за прием во ЕУ од Балканот за да наоѓа, финансира и мотивира Бугари, при што ги посети Македонците во Пустец и другите села околу, некои села во Косово, па и Приштина, а заврши низ градовите во Србија, каде што делел промотивен материјал, литература на бугарски јазик, им плаќал претплата за бугарска телевизија и, како што тврди, уплаќа по 300 евра финансиска поддршка на тие што се чувтствуваат како Бугари во Македонија.

„Следната недела лично ќе бидам  со Бугарите во Врање, Сурдулица, Ниш, Пирот и западните покраини.  Фондацијата ‘Македонија’ ќе ги удвои напорите во Република Србија“, најави Стојанов, најавувајќи дека негова и бугарска задача е да вложат напори и капитал за да ја вратат бугарската култура меѓу овие луѓе – т.е. со клиентелизам и потплатување да фабрикува Бугари каде што смета дека историски таа територија е бугарска и да олесни некое идно обединување.

Ваква примитивна и прегазена од времето политика од  држава членка на Европската унија тешко дека постои на друго место, бидејќи парите со кои се расфрла Стојанов не можат да се соберат само со донации и без да го финансира некој помоќен. Уште повеќе што тој најавува и помош за бугарски компании во нашата држава, а е главен финансиер и на таканаречените бугарски културни центри за кои најавува дека ќе ги има многу повеќе, не само во Македонија, не само во Косово, во Србија и во Албанија, туку и меѓу македонските иселеници низ Европа, најавувајќи отворање на прв таков во Нинберг.

Уште пошокантно е како неговите големобугарски амбиции наидуваат на масовно одобрување меѓу Бугарите во неговата земја, кои во време кога цел свет ја осудува руската воена агресија врз Украина и обидот да и се освои територијата, отворено порачуваат дека „денешните граници на Бугарија опфаќаат само половина од националната бугарска земја“ и повикуваат на обединување на сите овие територии. Дека не станува збор за осамени гласови, покажува и предизборната програма на партијата Преродба која на следните избори се очекува да освои дури 12 отсто од гласовите и да има влијание при формирањето влада, а која јасно напиша дека еден од приоритетите и е – обединување на Бугарија со Македонија.

До каде оди бугарското замешателство во нашата држава и до каде ќе оди, покажува и инволвираноста на бугарските дипломатски преставници во проблемот со купените возила со бугарски регистерски таблички, иако тоа не е нивна работа, како и најавите на Стојанов дека сите што ќе се закануваат или напаѓаат Бугари ќе бидат гонети од бугарското обвинителство – каде и да стапнат во ЕУ.

Дека амбициите им се високи покажува и најавата на Стојанов да донесе бугарска телевизија (т.е. да им ја плати) на милион семејства  во Србија, Македонија, Косово и Албанија и дека за своите активности само во нашата држава има создадено мрежа на активисти  во речиси сите места со над 1.500 жители. Тоа значи дека се создава бугарски пропаганден октопод во Македонија и во регионот, при што властите во нашата држава треба да откријат од каде се финансира, да ја известат за тоа ЕУ и да ѝ забранат трајно пристап на припадниците на оваа фондација поради големобугарски активности. Стојанов исто така се закани дека ќе поднесе тужби против лидерите на Македонците во Албанија затоа што тврдат дека на таа територија не живеат Бугари, а за кај нас најави дека кога ќе влезат Бугарите во Уставот, за нив ќе се отворат уште 137 други закони и регулативи, со очигледно јасна идеја како да се билда нивниот статус натаму и со јасна асоцијација дека – ќе се создаваат Бугари со пари и со привилегии.

Тешко да се поверува дека зад сите овие активности на Стојанов не стои посилна организација туку само неговиот национален ентузијазам, но и без одговор на тоа прашање сѐ што прави тој во последно време и сѐ што провоцира ни дава материјал за во Брисел, бидејќи ако останатите земји-членки збеснаа заради едно вето на Софија, може само да ни биде од корист ако со таква закана се обидат да се справат и со Србија, Косово и Албанија. (Н.В.)