По 20 избори – Македонија и натаму „пациент“ на ОБСЕ и ОДИХР

ОДИХР гледа политичко прегрупирање на сцената во Македонија и растечкото јавно разочарување од повеќето институции, влошено од трагедијата во Кочани


 

Македонската демократија очигледно назадува. По 20 избори и исто толку мониторинзи од страна на меѓународните набљудувачи на ОБСЕ и ОДИХР, Македонија и натаму е „пациент“ на овие две меѓународни организации.

Иако веќе нема убивања и апла местења на изборните резултати, епизодата со зголемувањето на бројот на потписи за независните кандидати покажа дека Македонија е сѐ повеќе политички  заробена држава, од центри на моќ и политички партии кои доаѓаат на власт за да си ги здебелат приватните сметки, a институциите и државниот буџет им служат како да се приватни. Сѐповеќе се гледа дека Македонија, иако нема некој како Александар Вучиќ, има повеќе мали „вучиќи“ кои не дозволуваат слободен политички избор на граѓаните на избори, туку контролиран од нив.

Тој отпор да се демократизираме вистински се виде од упорното избегнување да се остварат препораките на ОБСЕ и на ОДИХР, што се исти со децении, а со разни трикови (како фарсата од собраниска седница викендов) постојано се одлагаат, без надеж дека некогаш ќе бидат применети. И, додека пред претходните избори, колку толку, се глумеа подготовки за изборни реформи и се зборуваше за нив, пред овие избори партиите толку се осилија – што не ги ни есапат препораките на ОДИХР. Тоа им го овозможија граѓаните кои масовно се налепија на евроскептизицмот под влијание на пропагандната реторика на политичкиот естаблишмент , така што сега ни ЕУ, ни ОБСЕ, ни САД ни ОДИХР, ни ГРЕКО ни кој било друг нема моќ и влијание на случувањата кај нас, а тие што се на власт кај нас не сакаат промени.

Во таква атмосфера, нормално, никој не го виде и не го прочита извештајот на ОДИХР за претстојните избори, во кој јасно стои дека никоја од препораките што се дадени за Македонија – не се остваруваат и дека по 21. пат ќе биде испратена масовна набљудувачка мисија за време на локалните избори во земјата, бидејќи довербата во процесот не се зголемува, а има и нови предизвици.

Според предлогот на ОДИХР, пред и за време на изборите во Македонија ќе престојуваат 24 долгорочни набљудувачи во сите фази од процесот, а краткорочно ќе бидат ангажирани 250. Според оценката во извештајот, изборите се гледаат како „тест за посветеноста на Владата за  пристапувањето во ЕУ, за спроведување на владеењето на правото и за решавање на билатералните прашања“. Сето тоа, според ОДИХР, се случува во атмосфера на постојана политичка поларизација, големо политичко прегрупирање на сцената и  растечкото јавно разочарување од повеќето институции, влошено од трагичниот пожар во ноќниот клуб во Кочани, што предизвика загриженост за капацитетот за итен одговор и целокупните стандарди за управување.

Поедноставно кажано, откако една година не направија ништо за преговорите со ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ ќе се соочат со реакцијата на граѓаните околу таа одлука и политика, а статус-квото ќе биде ветер за „трета опција“, бидејќи се прегрупираат политичките капацитети во државата во недостиг на перспектива од тие што владееја досега во Македонија.

Поконкретно, во однос на реформите, забелешките на ОДИХР се исти од избори до избори и, иако тие се основата за корупцијата во државата и за негативната селекција во политиката – како место за лично богатење, како шанса за местење тендери, како можност за неправедно унапредување, делење привилегии – никако да почнат да се остваруваат. Па, така по 20 избори и исто толку мониторинг мисии (плус за двата референдуми), ОДИХР гледа „празнини и двосмислености“ што влијаат на јасноста на процесот, при што остануваат нерешени прашањата околу злоупотребата на државните ресурси, политичкиот притисок и заплашување на гласачите (особено во јавната администрација и меѓу социјално ранливите), финансирањето на политичките кампањи, поделеноста на медиумите по политички и етнички линии, нивното „купување“ со политички реклами и користењето на социјалните платформи за ширење шпекулации и говор на омраза без било каква контрола. 

Соговорниците на ОДИХР се пожалиле дека иако имаат доверба во списокот на регистрирани гласачи, сепак ги загрижува вклученоста на тие што живеат во странство и дека таргетирањето на вработените во јавниот сектор, на корисниците на социјална помош, политички мотивираните назначувања и унапредувања, практиките за доделување јавни набавки и купувањето гласови остануваат проблем и пред овие избори. 

На партиите не им се слуша, според ОДИХР, и за барањата конечно да ги решат празнините и недоследностите во финансирањето на политичките кампањи, врз кои патем надзор треба да вршат ДИК, Државниот завод за ревизија и во голема мерка Државната комисија за спречување на корупција која, пак, токму сега е обезглавена и за време на изборите ќе биде раководена од потпретседателка со листа скандали зад неа и јасна тенденција да ги штити злоупотребите на власта. Уште повеќе, сите три институции се пожалиле дека немаат институционален капацитет да спроведат вистинска контрола, а ДИК –  дека добил само една третина од парите што биле планирани за нив. На медиумите им се забележува политичка пристрасност, скриени сопственички структури, ограничено истражувачко новинарство и финансирање од платени политички реклами.

Инаку, извештајот за локалните избори во Македонија во 2021 година содршеше дури 36 препораки, од кои 9 беа оценети како приоритетни за одржување вистински фер и слободни избори во земјата. Изборниот законик за последен пат беше изменет во 2024 година, но козметички, без да се одговори на најважните препораки на ОДИХР кои ги допираат интересите на етаблираните политички партии и кои од политиката направија вносен бизнис во Македонија. Некои од соговорниците на ОДИХР биле поискрени, па истакнале дека на државата ѝ треба сеопфатно преиспитување на изборното законодавство, но и забележале дека нема доволна политичка волја да се направи тоа.

„Изборниот законик е предмет на чести измени, честопати непосредно пред изборите. Последен пат беше суштински ревидиран во април 2024 година и не се воведени понатамошни измени, и покрај претходните напори за започнување инклузивна реформа. Во јуни 2025 година, ВМРО-ДПМНЕ иницираше нацрт-амандмани на Изборниот законик, поттикнати од одлуката на Уставниот суд од 21 мај 2025 година со која се прогласија одредбите што го регулираат прагот на потписи за независните кандидати за неуставни. Предложените измени се однесуваат и на неколку други прашања, вклучувајќи ги процедурите поврзани со буџетирањето и финансиската автономија на Општинските изборни комисии (ОИК). Се очекува овие измени да бидат усвоени пред претстојните избори“, стои во извештајот – кој беше објавен пред да се случи скандалозната собраниска седница овој викенд, на која овие измени пропаднаа.

Во ширењето на лажниот оптимизам учествува и Министерството за правда, кое го известило ОДИХР во јуни дека е изготвен „пакет измени на Изборниот закони, насочени кон решавање на голем број препораки на ОДИХР“. Но, како што посочи ОДИХР во извештајот, овие предлози сè уште не се доставени во парламентот и не се очекува да бидат усвоени пред претстојните избори. Според Министерството за правда, нацртот бил составен од претходната фамозна работна група составена од преставници од државните институции, политичките партии и организациите на граѓанското општество помеѓу 2018 и 2023 година, а предложените измени вклучуваат одредби за злоупотреба на државните ресурси, за транспарентност на финансирањето на кампањите и за регулирање на медиумите, вклучувајќи правила за политичко рекламирање и проширени овластувања за надзор на регулаторните тела“.

Практично, политичките партии си играат дрндупка со угледот и петгодишните напори на оваа работна група наоѓајќи постојано некоја партија да глуми дежурен виновник што промените не поминале, како овојпат ДУИ, со банални објаснувања што ги голта јавноста во Македонија. 

Во однос на политичката клима, од ОДИХР очекуваат на овие избори да има зголемена политичка поларизација и фрагментација, особено во областите со мнозинско албанско население. Акцент се става и на независните кандидати кои, според оценката, честопати намерно се ставаат во неповолна положба од политичките партии кои сакаат да ја задржат контролата, а ДИК, ДКСК и Државниот завод за ревизија тврдат дека и кога ќе најдат изборни злоупотреби во финансирањето – тие ретко се санкционираат.

„Општата рамка за политичко финансирање и за финансирање на кампањите е регулирана со Изборниот законик, Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Неколку минати препораки на ОДИХР остануваат нерешени, вклучувајќи ја потребата за електронско поднесување на извештаи за кампањите, механизми за проверка на трошењето за онлајн кампањи и строги ограничувања за донациите по денот на изборите. И Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) поднесоа предлози за подобрување на законодавството, но тие не беа разгледани од сегашниот законодавен дом“, стои дипломатски во извештајот на ОДИХР.

Според оценката, проблем е што привремените извештаи на кандидатите вклучуваат информации за донациите, но не и за другите извори на приход или расходи.

„Иако некои трошоци за онлајн рекламирање може да бидат вклучени во финансиските извештаи на кандидатите, не постои посебен механизам за систематско следење или проверка на трошоците за дигитални кампањи, вклучувајќи ги и трошењето на платформите на социјалните медиуми и промотивната содржина од трети страни. Надзорот го вршат ДЗР и Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), при што извештаите за финансирање на кампањите се доставуваат до двата органи, како и до ДИК. ДКСК е задолжена за следење на финансирањето на кампањата во текот на изборниот период, вклучувајќи го и користењето на јавните ресурси од страна на актуелните функционери и финансиските активности на јавните службеници. ДКСК информираше дека ќе го ажурира регистарот на службени возила на државните институции за да помогне во спречувањето на злоупотребата на јавните ресурси и дека има право да покренува инспекции по службена должност и да постапува по жалби од партии, набљудувачи и од јавноста. Но, ДЗР и ДКСК очекуваат значително зголемено
работно оптоварување во контекст на локалните избори и забележаа дека нивниот институционален капацитет, како во однос на кадровските и финансиските ресурси, останува ограничен. Неколку соговорници од овие тела низразија загриженост дека спроведувањето останува ограничено и дека прекршувањата ретко резултираат со санкции“, стои во извештајот.

Со оглед на тоа дека и во Македонија, како и во други поразвиени земји, онлајн политичкото рекламирање станува сѐ поголем проблем, на тоа е посветен и голем дел од оценките на ОДИХР, при што стои и ставот:

„Повеќето соговорници очекуваа дека политичките партии и кандидатите во голема мера ќе се потпираат на дигитална кампања, преку социјалните медиуми и платформите за пораки. Иако некои аспекти на онлајн кампањата се регулирани, вклучително и обврската за откривање на платена политичка содржина, законот не ја регулира координираната онлајн кампања од трети страни, платената промоција од неофицијални страници или микро-таргетираното рекламирање со користење на податоци од гласачи. Изборниот законик, исто така, нема одредби за модерација на содржината, за транспарентност на рекламирањето или за одговорност на платформата за социјалните мрежи. Покрај тоа, не постои систематско следење на активностите на дигиталните кампањи, а неколку соговорници на ОДИХР изразија загриженост за ширењето на дезинформации, говор на омраза за време на кампањата, непријавени трошоци и недостатокот на ангажман меѓу властите и главните платформи на социјалните медиуми, што ја ограничува можноста за откривање или реагирање на прекршувања“, стои во оценката на ОДИХР.