По 2.500 денари утре ќе легнат на сметките на 1.388 пензионери од Кисела Вода


Фото: Б. Грданоски

Започнува исплатата за пензионерите – 1388 пензионери утре на своите сметки ќе добијат финансиска помош од 2500 денари! Нашите највозрасни сограѓани се столбот на државата и нашето општество. Со почит кон нивниот труд и животен придонес, продолжуваме да градиме заедница во која секој е вреднуван и поддржан, сподели денеска градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

„Денес ги потпишав налозите со кои доделуваме финансиска поддршка на пензионерите со ниски примања, а веќе утре во текот на денот парите ќе бидат префрлени на нивните сметки. Секој од нив добива финансиска помош од 2500 денари, а општината дополнително го покрива персоналниот данок кој не е пресметан во овие средства, истакна градоначалникот во својата објава на социјалните мрежи.

Со оваа мерка, финансиска помош добиваат пензионерите кои се приматели на старосна, инвалидска, семејна или социјална пензија кои се жители на општина Кисела Вода, а чии примања не надминуваат 22.640 денари.

Ова е првата тура од исплатата, додека пак втората, како што посочи Ѓорѓиевски, повеќе од 1800 пензионери во текот на следните денови ќе ја добијат ветената еднократна финансиска помош, односно се работи за повеќе од 3200 пензионери кои добиваат финансиска поддршка.

„Оваа мерка е уште еден чекор во нашата континуирана грижа за повозрасните жители, за нашите родители, баби и дедовци, со која покажуваме дека не се заборавени. Сето ова е резултат на нашата посветеност да создадеме општество во кое секој пензионер ќе има подобар квалитет на живот. Да сте здрави и живи и со здравје да си ги трошите, порача Ѓорѓиевски.