Пленковиќ во Собрание: Ве поддржуваме без било какви условувања и калкулации


Од посетата на Пленковиќ во Скопје во 2023 година (Фото: Б. Грданоски)

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во своето обраќање пред пратениците во Собранието порача дека е горд што токму за време на првото претседателствување на Хрватска била донесена одлуката за започнување на преговори со Македонија , која била резултат на повеќемесечни политички и дипломатски напори што со срце ги презеле, како силен поддржувач на евроинтеграцијата на Македонија.

Најголем дел од говорот тој посвети на многуте придобивки за Хрватска откако стана земја членка на ЕУ  и на потребата да се изгради консензус кај нас за евроинтеграцијата и следните чекори што треба да следат бидејќи, како што рече, хрватското искуство покажало дека од тоа имале корист и државата и граѓаните. 

„Таков сојуз за Европа ни донесе очигледна корист. Денес добиваме 25 милијарди евра  неповратни сретства што ни даваат несогледливи можности за напредок.Ви кажувам како пријател што ќе следи со членството, дека тоа дава можност да се надминете во развојот“, рече Пленковиќ, па со полно разбирање на фрустрациите советуваше да ги здружиме политички силите и да најдеме начин да го продолжиме просецот со ЕУ.

Дека немаме само ние проблеми, тој илустрираше и со хрватски пример.

„И ние имавме во нашиот процес тешки ситуации, што ги сметавме дека се неправедни, нефер па и непремостливи, но со истрајност,  дијалог и барање решение најдовме начин да одиме напред. Ако сега ставиме црта, ќе речеме дека сите реформи и сите политички маневри беа корисни за хрватскиот народ. Со нашето искуство и знаење ќе ви помогнеме на патот што сами го избравте и сакаме тој што пократко да трае. Знаеме што е добро за нас и што е добро за вас. Северна Македонија ќе стане земја членка на европското семејство, а во Хрватска имате и пријател, и држава што ве разбира и која искрено ќе ве поддржи, без било какви условувања и калкулации“, порача Пленковиќ.

 „Свесен сум и во целост разбирам одредени фрустрации и незадоволство, имајќи ги предвид годините на чекање пред вратата на ЕУ. Но, овој пат сакам да ве охрабрам да не губите верба и надеж, туку напротив да вложите дополнителни напори во спроведување на реформите и условите како подготовка за идно членство во Унијата. Колку и тоа сега да ви се чини тешко и неизвесно, политичките прилики и вашето јасно определување за членство во Унијата, во ЕУ, бара да направите исклучително важен чекор за вашата земја, за нејзините граѓани и идните генерации“, рече хрватскиот премиер.  

Тој  нагласи дека Хрватска оваа година одбележува 10 години од членството во ЕУ и со влезот во Шенгенскиот простор и еврозоната се постигнати двете најважни надворешнополитички цели, така што земјата сега е целосно интегрирана во ЕУ и со тоа подобро заштитена од сегашните и идните кризи.  

„ Во сегашни околности да припаѓаш во кругот од вкупно 15 земји кои се истовремено членки на НАТО, ЕУ, на Шенген и на еврозоната и тоа како е голема предност, бидејќи значајно придонесува за нашата безбедност, како и политичката и финансиската стабилност“, рече Пленковиќ.  

Тој се осврна и на односите меѓу двете држави генерално. 

 „Не само што Хрватска и Северна Македонија немаат отворени проблеми, туку и нашите односи секој ден се поблиски и посодржински. Тоа особено откако Северна Македонија стана членка на НАТО, со што станавме сојузници“, истакна Пленковиќ. 

Потоа ја повтори, како што кажа, цврстата поддршка што Хрватска и ја дава на Северна Македонија за европскиот пат.  

„Посебно ми е мило што мојот поранешен и некогашниот главен советник, Владимир Дробњак, сега е советник на вашата Влада и ви ги пренесува искуствата што тој лично ги има“, рече Пленковиќ. 

Хрватскиот премиер оцени  дека нашите пријателски односи датираат пред официјалното воспоставување на дипломатските односи за што лани одбележавме 30 години, како и дека овие односи најмногу се должат на меѓусебно разбирање и на нашите народи и на нашите култури.  

На свечената седница присуствуваа и претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министри во Владата, претставници на судската власт, лидери на верските заедници, амбасадори и претставници на дипломатскиот кор…