Пленковиќ: Ќе направиме се Северна Македонија да добие датум во јуни


Белгија – Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, вели дека Хрватска ќе направи сѐ што може за да и помогне на Северна Македонија да добие датум за преговори во јуни.

Пленковиќ, кој вчера попладне беше во посета на Брисел, и чија земја го презема кормилото со ЕУ од идната година, потсети дека проширувањето ќе биде високо на агендата на неговата земја.

На прашање на МИА дали на следниот Совет на министри во јуни неговата земја ќе се обиде да ги убеди останатите земји кои сѐ уште имаат резерва за почетокот на преговорите, тој рече дека неговата земја многу добро разбира дека чекор напред е важен.

-Сите наши пријатели во тоа што е сега Северна Македонија се многу свесни колку го поддржуваме нивниот европски пат, рече Пленковиќ.

Тој понатаму ја искористи приликата да потсети дека Северна Македонија го започна европскиот процес дури и пред Хрватска, во 2000-та во Загреб.

-За оние кои не се запознаени со деталите, треба да се истакне дека Македонија ја склучи спогодбата за стабилизација и асоцијација дури пред Хрватска, всушност тие ја иницираа оваа спогодба на маргините на самитот во Загреб пред деветнаесет години, потсети хрватскиот премиер.

Пленковиќ додаде дека ако некоја земја разбира колку е важен чекор напред за Северна Македонија, тоа е Хрватска.

-Цврсто сме убедени дека по договорот помеѓу Грција и Македонија за промена на името тие заслужуваат чекор напред, ќе направиме сѐ што можеме да ја поддржиме таа насока, а прво да видиме што ќе препорача Европската Комисија во извештаите во мај, нагласи Андреј Пленковиќ.

Северна Македонија во јуни очекува да добие датум за почеток на преговори, како што се заложи минатата година Европската Унија доколку бидат исполнети четирите поставени услови. Една од битките кои се водат во Европската Комисија е таканареченото „одвојување“ од Албанија. Во Европската Комисија, според извори во оваа институција, постојат две струи, едната смета дека двете земји треба да се групираат, додека другите сметаат дека Северна Македонија треба да биде одвоена со оглед на тоа дека напредокот е позначаен во нашата земја.

Исто така, поради поголемата политичка нестабилност во соседна Албанија, многумина стравуваат дека Македонија може да биде „жртва“ на таквата логика на групирање на земја, посебно ако се има предвид фактот дека Европската Унија се води според принципот на индивидуални заслуги.

Една од варијантите кои се разгледуваат во Европската Комисија е да се искористи посилен речник во полза на стартот на преговори со Македонија во претстојните извештаи на 29-ти мај, посебно откако претседателските избори минаа без мирно и без крупни критики, и се разбира поради ратификацијата на Преспанскиот договор во двете земји.

Останува исто така да се види дали проширувањето ќе се стави на агендата на министрите на ЕУ во јуни. Доколку германскиот парламент нема време да ја одобри одлуката за преговори со Македонија на почетокот на јуни, не се исклучува можноста да се свика нов министерски совет во текот на јули, под финско претседателство.

Финска го презема кормилото со ЕУ од 1 јули до 31 декември годинава, а по неа на чело за Унијата застанува Хрватска, која најави дека проширувањето ќе биде еден од врвните приоритети. (МИА)