Пластичните ќеси ќе се користат уште една година


Министерството за животна средина и просторно планирање ја информира јавноста, дека согласно Правилникот за изменување на правилникот за стандардите за биоразградливост кои треба да ги исполнуваат кесите за носење на стоки, начинот на пуштање на пазар на биоразградливи кеси од страна на трговците, како и формата и содржината на образецот за водење на евиденција

(„Службен весник на РСМ“ бр. 112/23 од 31.05.2023 год.) е направена измена во членот 6 во ставот 1, и зборовите „1 јуни 2023 го- дина“ се заменуваат со зборовите „1 јуни 2024 година“.
Од тука забрана за употреба на ќеси што не ги задоволуваат стандардите пропишани со овој правилник целосно ќе биде имплементрина од 1 јуни 2024 г.

Инаку, од  1 јули требаше целосно да се забрани продавањето на пластични кеси и оксобиоразградливи кеси, односно тоа се оние кеси кои во маркет се продаваат за 15 денари.
Дозволени требаше да  бидат само биоразградливи ќеси.

Оваа одлука следи откако беше усвоен новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување. Според истиот ќесите од 2 поскапеа на 15 денари пред година и пол.

Претставници на производителите на последната средба со министерката за животна средина, Каја Шукова, кажаа дека материјалот за изработка на биоразградливите кеси е тешко достапен за македонскиот пазар и дека се соочуваат со потешкотии во континуираното призводство на овие кеси. Предложија да се ревидира законската регулатива и да се направат поголеми напори за да се обезбедат еднакви услови на пазарот, односно да се спречи нелојалната конкуренција со нудење на бесплатни пластични кеси. Побараа и намалување на надоместокот за биоразградливите пластични кеси, кои би се продавале после 1 јули 2023 година.

Голем дел од фабриките ставија клуч на врата по владината одлука една ќеса да се продава по 15 денари. Според информациите од производител кој беше на средба со министерката, од 32 фирми, дваесетина веќе затвориле.

Сепак за овошјето и зеленчукот и во маркетите и на пазарите се уште се користат пластичните кеси. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека лани компаниите во земјава произвеле околу 5.000 тони пластична амбалажа, вреќи и ќеси.

Од Министерството за животна средина тврдат дека употребата на пластичните кеси е за 10 пати намалена, а особено намалување има во маркетите и тоа за околу 85%.

Земјите-членки на ЕУ веќе почнаа да забрануваат употреба на пластика за еднократна употреба, како цевчиња, чепкалки за уши, чинии, чаши и пластичен прибор за јадење за еднократна употреба. Во некои земји пластичните кеси се целосно забранети, во други се даночат, а во трети се наплаќаат.