Пласидо Доминго пристигна во Скопје – ја одржа првата проба со оркестарот на НОБ (фото)

Доминго е вториот од Тројцата тенори кои дојдоа во Македонија – по настапот на Хозе Карерас на „Охридско лето“ во 2005 година, кој беше гала настан за паметење


Шпанскиот тенор со светска слава Пласидо Доминго пристигна во Скопје, објави продукцијата „Прагма”. Доминго на 14 март (петок) за првпат ќе одржи концерт во Скопје, во салата „Борис Трајковски” од 21 часот. Во тајност се држи хотелот во кој престојува еден од најголемите тенори на денешницата, но и врвен диригент, освојувачот на 12 Греми музички награди. 

„Без минута одмор, славниот маестро од аеродромот директно се упати кон Националната опера и балет, каде што заедно со оркестарот на НОБ ја одржa првата проба”, велат од „Прагма”, која го организира концертот во копродукција со Операта.На концертот во Скопје ќе настапи и италијанската сопранистка Марија Жосе Сири, а ќе диригира Жорди Бернасер од Шпанија.
 
 
„Со голем ентузијазам и воодушевување успешно заврши првата проба. Во исклучително инспиративна атмосфера, маестро Доминго ја покажа својата врвна уметност и посветеност, а оркестарот, инспириран од неговото присуство, одговори со извонредна прецизност и емоција, создавајќи атмосфера што го најавува она што ќе биде еден од дефинитивно најспектакуларните концерти во историјата на македонската музичка сцена“, соопштија организаторите.
 

„Програмата на концертот ќе ги разбуди сите емоции: радост, смеа и, се надевам, моменти кои ќе ги паметиме засекогаш. Ова е моја прва посета на Македонија и навистина сум возбуден што конечно ќе ја доживеам магијата на вашата прекрасна земја”, кажа Доминго во видеопорака.

Како уметник сам по себе и како член на Тројцата тенори, (Павароти, Доминго и Карерас беа најпознатото трио тенори во светот), тој стана едно од најпочитуваните имиња во класичната музика, освојувајќи безброј признанија.

Доминго со првиот човек на „Прагма продукција“, Кристијан Стефановски во Скопје

Неговиот репертоар вклучува повеќе од 150 улоги, достигнување кое не го направил ниту еден друг артист, со над 4,400 настапи, а потврда за неговиот уметнички статус е фактот што тој е почитуван диригент со повеќе од 600 настапи. Бил почесен уметнички директор на Стогодишниот фестивал Арена ди Верона, како и генерален директор на Операта во Лос Анџелес и Националната опера во Вашингтон.

 

Доминго е вториот од Тројцата тенори кои дојдоа во Македонија – по настапот на Хозе Карерас на „Охридско лето“ во 2005 година, кој беше гала настан за паметење. 

Куриозитет е што Доминго во Скопје ќе настапи со оркестарот на Националната опера и балет, што е реткост. Со оркестарот ќе има две проби во НОБ, од затворен карактер, и една тонска проба во „Борис Трајковски“. Се уште не се знае дали ќе има официјална прес-конференција за медиумите. Ќе биде дозволено ТВ снимање и фото само на првите три арии. Концертот е со  поддршка од Министерството за култура за концертот ( 600 илјади денари н.з.), а генерален спонзор на гала настанот е компанијата „Алкалоид“.

Концертот ќе биде во два дела. Во првиот дел ќе бидат изведени популарни оперски арии од италијанската литература, од Пучини, Верди, Белини…, а во вториот, дела арии од шпанската литература и дела од Штраус  и Лехар.

Голем е интересот за влезниците на концертот од регионот по цени од 2.000, па се до 5.000 денари, во зависност од зоната. (Л.С.)

Фото: Стефан Самандов