Планиран беше атентат врз Вучиќ, тврди Брнабиќ


Премиерката на Србија Ана Брнабиќ изјави дека било планирано убиство на претседателот Александар Вучиќ, а наводите за негово прислушување и аферата „Јовањица“ се обид за државен удар.

„Планирано е долго и детално. Формирани се паралелни структури во Министерството за врнатрешни работи и водени се кампањи во тајкунските медиуми, кои им пренесуваа на медиумите во регионот со цел Вучиќ да се дехуманизира и од него и неговото семејство да се направи криминален клан“, изјави Брнабиќ за „Пинк“.

Таа вели дека бил планиран атентат на Вучиќ на откривањето на споменикот на Стефан Немања во Белград, на 27 јануари годинава, но не наведе детали и зошто обвинителството не покренало постапка против одговорните.

„За да го стрелаат Вучиќ, тие би направиле наратив дека тоа е природно. Како во којзнае што да се вмешани тој и неговото семејство. Многу работи се случуваа во МВР, монструозно е колку добро била поврзана таа мрежа“, рече Брнабиќ.

Таа нагласи и дека надлежните служби се занимаваат со ваквите случаи и оти нема да има заштитени лица, без оглед на „името и презимето, функцијата и партиската припадност“.

„Знам дека Српската напредна странка е единствената во историјата на Србија која вели сите да се третираат еднакво и да нема заштитени“, потенцира Брнабиќ.

Таа вели дека над Вучиќ се врши притисок со тоа што се напаѓа неговиот син Данило, бидејќи нема замерки за економските и политичките прашања.

„Знаете што му е слаба точка и удирате на Данило. Вие криминализирате едно младо момче, тој постојано е на насловните страници на тајкунските дневни весници“, додава Брнабиќ.