Плаќањето за градинка во време на корона вирус е влог во подобро претшколско образование


Градинките низ Македонија не работат од средината на март. На Општините беше оставено да одлучат дали за запишаните деца треба да се плаќа месечна сметка, иако не одат во градинка. Дел од нив одлучија да ги намалат сметките на минимален износ.

Така е и во Општина Карпош каде средствата кои родителите ги уплаќаат во градинките, но и дополнителни финансии од општинскиот буџет и буџетите на градинките, се одвојуваат за подобрување на условите во овие предучилишни установи.

Се реконструираат тоалети, занимални, подови и кровни површини, се обновува инвентарот, се уредуваат дворови…
Исто така, се врши дезинфекција на душеците, но и на сите простории, информира градоначалникот Стефан Богоев.

– Во овој период, не смее да изостане инфраструктурното подобрување на градинките и училиштата. Затоа што враќањето на нашите деца во градинка/училиште треба да биде во уште подобри и побезбедни услови – додава тој.

–  Да, воспитно – образовните установи од март месец не работат, но воспитно – образовниот процес не може и не смее да виде во „лер”, особено не во 21 век.
И затоа, интензивно работиме да создадеме подобра инфраструктура за учење, но и можности за спорт и рекреација на најмладите.

Ве уверувам дека секој денар кој се плаќа на сметка на градинките е влог во подобро предучилишно образование – стои на беговиот Фејсбук профил.