Плачеме на празен гроб, Бугарите да кажат каде е закопан Стив Наумов – бара внукот на народниот херој, Стефан Бошков


БИТОЛА – „Херојот Стив Наумов и жив и мртов беше страв и трепет за Бугарите – Бугарите да кажат каде е гробот на Стив Наумов, да однесиме цвеќе, да не плачеме на празен гроб“, бара внукот на народниот херој, битолчанецот Стефан Бошков во најновиот документарен филм посветен на Стеван Наумов-Стив.

Долгометражниот документарен филм „Мојот вујко Стив Наумов“ вчера беше премиерно прикажан во Кино „Манаки“ во Битола во рамките на одбележувањето на денот на ослободувањето на градот.

На 12 септември 1942 година, Стив Наумов и Мите Богоевски, во село Болно биле опколени од бугарската полиција, а тие за да не паднат во нивни раце извршиле самоубиство. 

Во филмот за животот и делото на народниот херој Стив Наумов зборува внукот од неговата родена сестра, битолчанецот Стефан Бошков, кој воедно е претседател на ОО на Сојузот на борци Битола.

„Заврши животот на Стив Наумов посветен на народно-револуционерната борба, но и мртов беше страв и трепет за Бугарите. Бугарите телата на Мите Богоевски и Стив Наумов ги однеле кај реката во село Болно, ги викнале родинините на Мите да ги препознаат. Бугарите ги закопале во два гроба под гробиштата, кај коријата и за брзо време ги извадиле и ги однеле во непознат правец. Се шират приказни дека биле донесени во Ѓавато, дека близу до манастирот биле запалени, но таква работа не постои“, раскажува Бошков во документарецот и напоменува:

„Ние како фамилија и преку Сојузот на борци и преку Владата на Македонија сме напишале – Во контакт сте со Бугарите прашајте каде се закопани Стив и Мите? Да однесеме едно цвеќе. Од баба ми аманет остана – ‘Аман бе синко цел живот плачам на празен гроб, белким ќе научите каде е закопан Стив, една свеќа, едно цвеќе да клајте таму’.“ – раскажува внукот Бошков и додава:

„До ден денес не дознавме каде е закопан Стив.“

Бошков вели -„Нашите им направија на Бугарите во Ново Село реновирање на гробиштата“ и тогаш како фамилија напишале писмо до една од поранешните влади на Република Македонија, да ги прашаат Бугарите каде се закопани Стив Наумов и Мите Богоевски. Бошков вели приватно бил неколку пати во Бугарија да бара информации, но попусто.

Стеван Наумов – Стив, македонски комунист учесник во НОВ загина во 1942 година во борба со бугарската полиција, прогласен е за народен херој на Југославија на 29 јуни 1945 г. Стив Наумов е исклучително значајна личност за македонската историја и за градот Битола.  Долгометражниот документарен филм „Мојот вујко Стив Наумов” е во продукција на Македонско турското здружение „Мустафа Кемал Ататурк“ – Битола, снимен на повеќе локации низ градот. Ова е трет филм на авторите Дејан Младеновиќ и Шенол Мемиш од Битола. (А. Б.)