Пивото ќе поскапи и ќе биде со сè полош квалитет?


Новото истражување покажа дека квалитетот на пивото се влошува и дека пивото во баровите ќе биде поскапо поради климатските промени.

Експертите сметаат дека може да се очекува раст на цените на пивото на европскиот континент во наредните години поради падот на приносот на хмељ. Напоменаа дека сушите директно ќе се одразат на квантитетот и квалитетот на хмељот. Тоа е состојка која на пивото му дава препознатлив вкус и мирис.

Истражувањето, кое беше објавено во научното списание Nature Communications, заклучи дека има пад на квалитетот и квантитетот на традиционалниот ароматичен хмељ низ цела Европа. Приносот на хмељ од 2021 до 2050 година би можел да биде помал за 12 до 35 проценти, во сите значајни европски области во Европа каде што се одгледува хмељ.

Намалувањето на производството на хмељ најмногу ќе се почувствува во Словенија, Португалија и Шпанија. Одредени делови на Европа произведуваат цитрусни, цветни и овошни вкусови кои се популарни во многу пива во Велика Британија.

Авторите на истражувањето заклучија дека земјоделците ќе мора да најдат начин да се прилагодат, а истовремено да го ограничат влијанието на топлината врз посевите.

„Со оглед на тоа што сушите во јужна и централна Европа многу веројатно ќе бидат уште полоши, областа каде што се одгледува хмељ ќе треба да се прошири за 20 проценти во однос на сегашната површина за да се компензираат загубите“, се наведува во извештајот.

Забележано е дека половина од земјиштето во Европската унија летово е погодено од суша и дека тоа сериозно го зголеми притисокот врз производството на храна, пишува Sky News, а пренесува Klix.