Писмото на Џафери никому не му треба


Пратил писмо или не екс-спикерот Талат Џафери, роковите за формирање влада си течат.

Ова е став на политичките аналитичари, според кои дури и да не го поддржуваат тоа процедурите, веќе имало политички преседани што го востановиле во практиката начинот на формирање влада без избран прв парламентарец и без писмено известување дека е конституирано Собранието до претседателот на државата.  Според Предраг Арсовски, станува збор само за политичка игра чија цел е да се купи малку време без потенцијал да се опструира формирањето на владата на долг рок, како што се случи тоа на минатите парламентарни избори.

„Мислам дека ДУИ сака да прати порака ‘додека не се договориме за сѐ, не сме договорени за ништо’. Според мене, не би било ни преседан кога претсдателот на државата би го доделил мандатот без писмо од Џафери. Иванов така го додели мандатот минатиот пат, кога од телевизија виде дека е конституирано Собранието. Така што, сме имале преседан во кој е доделен мандатот без да се чека писмото“, смета Арсовски.

Според него, нема дилема воопшто дека Собранието е конституирано.

„Како да не е конституирано? Пратениците се собраа и ги верификуваа мандатите. Не е избрана Комисија за избори и именувања, но пратениците се највисок законодавен дом, тие се сретнале и констатирале дека мандатите се валидни и дека Собранието е конституирано“, вели Арсовски.

Проблематизирањето на овој факт, смета тој, нема потенцијал да го опструира долго процесот.

„Мислам дека купуваат малку време. Сакаат и да направат дополнителен притисок дека треба со нив да се договори СДСМ за влада“, додава тој.

За Александар Кржаловски ваквите дилеми се апсурдни, посочувајќи на изјавата на министерката за правда Рената Треневска-Дескоска која даде објаснување за процедурата.

„Не е завршена седницата, но Собранието е конституирано и роковите за давање мандат за формирање влада си течат. Дури и ако ја земеме како пример 2016 година, кога Никола Груевски се обидуваше да формира влада, мандатот за тоа си течеше, а претседател на Собранието не беше избран до април. Мандатот прво го  доби Груевски, па го врати, па го доби Зоран Заев, а Талат Џафери стана спикер дури во април, така што овие оспорувања немаат врска“, смета Кржаловски.

Согласно уставните одредби во член 90 став 1 рокот за доделување на мандатот е десет дена од конституирањето на Собранието. Со денот на верификација на мандатите на пратениците се смета дека Собранието е конституирано, појаснија од кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски во врска со денешната изјава на досегашниот спикер на Парламентот Талат Џафери, кој смета дека без избран претседател законодавниот дом не може да се смета за конституиран.

-Во 2016 година, тогашниот претседавач, Трајко Велјановски, испратил допис датиран на ден 30 декември 2016 година, со кое го информира тогашниот претседател Иванов дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите, иако не е избран претседател, појаснуваат од кабинетот.
Кабинетот на претседателот го очекува дописот од претседавачот Талат Џафери, со кој ќе информира дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите на 4 август 2020 година.
-Без разлика на дописот, согласно уставните норми, роковите за доделување на мандатот на кандидатот на партијата или партиите кои имаат мнозинство во Собранието течат од 5 август 2020 година, истакнуваат од кабинетот на Пендаровски.

Џафери за ТВ 21 изјави дека според него без избран прв човек на Собранието нема конституиран Парламент.

Согласно здравствените протоколи за заштита од ширење на Ковид-19, минатиот вторник во Собранието на Република Северна Македонија, во салата со Голема купола се одржа конститутивната седница на десеттиот парламентарен состав, на која присуствуаа 117 од вкупно 120 пратеници избрани на предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули.

На дневен ред на конститутивната седница беа четири точки, од кој само за првите две имаше расправа. Останатите точки кои предвидуваат избор на претседател на Собранието, негови заменици и членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, според претседателот на претходниот состав Талат Џафери, ќе се дискутираат тогаш кога ќе се создадат услови за тоа.

Според Деловникот на Собранието, на оваа конститутивна седница и претходеше формирање на Комисијата за верификација на мандатите. По предлог на претседателот во претходниот состав Џафери, за претседател на оваа Комисија беше избрана пратеничката Јагода Шахпаска, а за членови пратениците Изет Меџити, Благица Ласоска, Соња Мираковска и Сафије Садики Шаини.Верификациската комисија утврди дека предвремените избори за пратеници се спроведени согласно со Решението за распишување на предвремени  избори за пратеници во Собранието од 16 февруари 2020 година и Решението за изменување и дополнување на Решението за распишување на предвремeни избори за пратеници од 15 јуни 2020 година.

Во Уставот е предвидено претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието да го довери мандатот за состав на Владата на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Се очекува во среда или четврток СДСМ да објави дали има мнозинство за влада или не, а проценките во политичките кругови се дека преговорите за тоа се при крај и дека во ова политичко надмудрување ќе попуштат тие кои имаат најмалку алтернативни решенија.(С.Ј.)