Писмо на западни политичари до ЕУ, САД и Британија во кое бараат мерки против владата на Вучиќ


 

Германски „Тагесшпигел“ објави текст со наслов „Ризици од понатамошна ескалација: Странските политичари во писма до ЕУ и САД бараат поголема дистанца од Србија“, во која цитира писмо од неколку странски политичари упатено до ЕУ, САД и Велика Британија.

Како што се наведува, „Тагесшпигел“ имал пристап до писмото и пишува дека водечките странски политичари од различни западни земји ги повикале ЕУ, САД и Велика Британија да заземат покритички став кон претседателот на Србија и дека во ескалацијата на конфликтот меѓу Србија и Косово гледаат преголема попустливост во односот кон Белград.

„Обидите на Србија да ги наруши демократските избори во Косово мора јавно да бидат осудени како странско мешање и мора да се преземат конкретни мерки за да се бара одговорност од Србија доколку продолжи да ги поткопува слободните и фер избори“, се вели во писмото на претставникот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Жозеп Борел, американскиот државен секретар Ентони Блинкен и министерот за надворешни работи на Велика Британија Џејмс Клеверли, пренесува „Тагесшпигел“.

Како што се додава, писмото меѓу другите го потпишале и претседателите на комисиите за надворешна политика на Бундестагот, Михаел Рот и Сенатот на САД, Боб Менендез. Меѓу авторите се и претседателите на комисиите за надворешни работи на британскиот  Долен дом и парламентите на Чешка, Украина, Ирска, Естонија, Латвија и Литванија.

„Сегашниот пристап не функционира“, пишуваат Рот, Менендез и нивните колеги.

„Бараме меѓународната заедница да научи од нашето минато и да се погрижи да не водиме политика насочена кон Белград на Балканот“, се наведува во писмото.

Тие исто така бараат „да се разгледа политиката на дипломатија на одвраќање за да се спречи понатамошно влошување на безбедносната ситуација на северот на Косово“. Не треба да се караат оние кои се залагаат за владеење на правото и демократија.

Неодамнешните откритија на складишта за оружје на северот на Косово и извештаите за тековниот шверц на оружје преку границата меѓу Србија и Косово ги истакнуваат „ризиците од понатамошна ескалација“, пишува „Тагесшпигел“.

„Косово е суверена земја и функционална демократија. Овој факт треба да биде основа на нашата заедничка политика кон актуелната криза“, се наведува во писмото.

Сегашните политики на ЕУ, САД и Велика Британија во однос на Србија и Косово откриваат „слаби точки во нашиот заеднички пристап“.

Неопходно е да се „преиспита“ овој пристап. Странските политичари повикуваат на „враќање на рамнотежа и пропорционалност во справувањето со Косово и Србија“, пишува овој германски весник.

Недостигот на притисок врз Србија по самоволното апсење на тројца косовски полицајци и неуспехот да се држат одговорните за нападите врз безбедносните сили на НАТО КФОР го нагласуваат „актуелниот недостаток на непристрасност во справувањето со ваквите проблеми“.

ЕУ и САД водат мека политика во однос на Србија, кандидат за членство во ЕУ, плашејќи се дека Белград би можел да застане на страната на Русија.

Владата на Вучиќ не учествува во санкциите против Москва. Рускиот претседател Владимир Путин ужива симпатии меѓу српското население, додека многу Срби го отфрлаат полноправното членство на нивната земја во ЕУ, што до сега не беше предвидено, се заклучува во текстот.