Писмо на Ахмети до јавноста: Албанскиот јазик не е предмет на преговарање
Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, во отворено писмо до јавноста вели дека албанскиот јазик не е привилегија, туку стекнато право загарантирано со Уставот. Тој ја истакнува важноста на Охридскиот договор, кој за него не е и никогаш нема да биде предмет на преговарање.
„Албанците во оваа земја никогаш не го оспорувале македонскиот јазик и македонскиот идентитет – напротив, постојано се определувале за заедничка, унитарна, евроатлантска и европска Македонија. Ова е вистината што треба јасно да се каже – еднаквоста на Албанците не ја ослабнала државата, туку ја зацврстила. Не го загрозила заедничкото живеење, туку ја направила поправична. Не ја разнишала западната ориентација на земјата, туку ја овозможила. Албанскиот јазик за мене не е и никогаш нема да биде предмет на преговорање. Охридскиот договор е темел на оваа држава и кој го доведува во прашање, ја доведува во прашање самата иднина на државата“, пишува Ахмети.
Држава што не им зборува на своите граѓани на нивниот јазик, вели Ахмети, не е рамноправна држава. Посочува дека намалувањето на јазичните права значи намалување на довербата што, пак, ја оштетува кохезијата на државата.
„Со загриженост се следат и одредени пристапи на институциите, особено во Уставниот суд, кои создаваат непоколебливо уверување дека во чувствителни прашања за меѓуетничките односи не преовладува професионалниот и уставниот аргумент, туку етнички мнозинска логика. Институциите, особено Уставниот суд, треба да бидат чувари на еднаквоста, а не простор каде што се доведува во прашање она што е стекнат стандард на демократската коегзистенција. Дури и кога се зборува за советодавното мислење на Венециската комисија, треба да се каже целата вистина, а не дел што служи на политичката нарација. Комисијата не констатирала дека законот за употреба на јазиците е во спротивност со Уставот или со меѓународните стандарди. Во ниту една сериозна демократија, како што посочува и самата Венециска комисија, тешкотиите во примената не се користат за делегитимирање на самиот принцип на владеењето на правото“, додава претседателот на ДУИ во писмото.
Првиот интегративец се осврна и на неодамнешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски во која кажа дека Албанците во земјава можат слободно да говорат на албански јазик, посочувајќи дека официјален јазик е македонскиот. Ваквата реторика, коментира Ахмети, не е ниту модерна, ниту државотворна, ниту европска, не носи мир, туку создава напнатост, не гради мостови, туку продлабочува поделби, не лечи, туку ги отвора раните што земјата скапо ги платила и не ја зацврстува државата, туку го подрива самиот основ на коегзистенцијата.