„Писмо до внуката“ – најпрочуеното писмо од Горан Стефановски доби форма на сликовница


„Писмо до внуката“, најпрочуеното писмо од Горан Стефановски, доби форма на сликовница во издание на ТРИ. Од душата на еден дедо, истовремено и човекот кој го промени современиот тек на македонската книжевност, со цел секој да навлезе во суштината на постоењето, да ги одгатне неговите тајни и убавините на нашата земја.

Илустрациите се на Љупка Стојкова, која заедно со целата Редакција, внимателно го подготвуваше страница по страница овој емотивен исказ на авторот.

Сè што е создадено од раката на Горан Стефановски носи своја животна и книжевна вредност.

Овој интимен дел од дневникот на Стефановски е наменет за секоја возрасна група. Од најмалите на кои им посакува добредојде, до најголемите, кои ја сфаќаат и заднината на секоја реченица што дедото им ги остава во наследство на својата внука и на идните генерации.

Делата на Горан Стефановски, „Диво месо“, „Тетовирани души“, „Бушава азбука“, „Демонот од Дебар Маало“, „Конзервирани импресии“ и сите останати драми, раскази и есеи, се учебници за идните писатели и со својата безвременост сè уште се и ќе бидат најчитаните книги од домашните автори. Нештата на кои нè учат, јазикот и зборовите се потврда за нашиот идентитет и патоказ за целата домашна литература.

„Писмо до внуката“ пристигна на штандот на ТРИ на овогодишниот Саем на книгата што трае до 24 април.