Пискотници се слушат од Табановце до Гевгелија


ЕРОЛ РИЗАОВ

Штом се прават големи тензии со лажни приказни за национални трагедии, предавства и капитулации почна пазарењето за датумот на избори секогаш во Македонија позначаен од датумот за преговори со ЕУ

 

Црна се чума зададе над Македонија. Не ми биле корона микроби, туку таен катил ферман, никој да не знае, испратен од Софија до Брисел со директива Европа на Македонците да им го  откорне и јазикот.

Откако Грците ни го зедоа името на државата и националниот идентитет, се јави и бугарското страшило кое во спрега со монструозните македонски предавници, кои потпишуваат бланко капитулации, се обидуваат да ни го избришат и јазикот подметнат од „џуџето од Небрегово“ како бугарски дијалект. Тоа беше ставот на еден од големите патриоти на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, за таткото на македонскиот литературен јазик Блаже Конески, јавно публикуван и никогаш неповлечен, без ниту една ограда и извинување за навредата на целиот македонски народ каква досега не е изговорена на ваков начин ни во Македонија, а ни кај проблематичните соседи.

Штом се прават големи тензии со лажни приказни за национални трагедии, предавства и капитулации, значи на голема врата почна партиското пазарење за датумот на избори. Секогаш во Македонија позначаен од датумот за преговори со ЕУ.

Силниот мотив на Александар Николоски

Ете тоа било силниот мотив на големиот јунак да крене ѓурултија до небото да не останеме и без јазик, како што останавме и без име и без идентитет. Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, го откри ова најново  предавство на македонските национални интереси.

Што мислите, дали затоа сега ечат пискотници од Табановце до  Гевгелија. НЕ. Сигурно НЕ, оти таква опасност не постои. Страшилото е ставено во нивата со лански праски да ги плаши чавките. Во ВМРО-ДПМНЕ има уплав од избори пред летото. А во СДСМ пред зимата. Затоа сега треба да се прават големи тензии со приказни за национални трагедии, да се мати водата во која тазе патриотите секогаш добро пливаат, а Македонија се дави. Хаосот им е природна средина.

Александар Николоски и Антонијо Милошоски се задолжени да откриваат тајни светски заговори и јавни домашни непријатели против Македонија. Ептен бајати теми, полни со лаги кои се добро познати на јавноста и во Македонија и во Бугарија, но секогаш за нив има плодно тло на двете страни.

Христијан Мицкоски во нова улога

Од друга страна, Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО- ДПМНЕ, ја напушти за одредено време улогата на партиски фајтер кој ја обезбедил изборната победа.

Сега се претставува како одговорен и конструктивен политичар, хуманист и легалист, голем почитувач на Уставот и на владеење на правото, докажано во 11 години владеење без контрола. Заедно со своите партиски експерти, самонабедени уставотворци, везден нуди помирливи морски јалови процедурални дебати за тоа што е постаро – јајцето или кокошката.

Навидум со подготвени толерантни  предлози Мицкоски бара лидерска средба да најдат лек за здравјето на нацијата и за економскиот крах на државата, се разбира, поради неспособната влада. Тешките последици од корона вирусот, како во ниту една земја во регионот и во светот, не можат повеќе да се поднесат, пресметале прецизно партиските статистичари во проценти до трета децимала и тоа на милион жители. По стопати на ден повторуваат дека кај нас најмногу луѓе умираат во просек. Каква бизарност е умирачка во просек. Кога еден човек ќе умре, тој е стопосто мртов, освен ако поинаку не пресметале статистичарите на ВМРО ДПМНЕ. Исто така, според нив,  најмногу има заболени во просек и економскиот пад е најголем, пак во просек.

За да се спасиме од овие што не ги бива во владата, иако сите партии се во власта, жестоко се отвара темата да се почитува Уставот, да не се состанува парламентот, во никој случај да нема избори додека ВМРО-ДПМНЕ тоа не го одобри.

Весела предизборна математика

Кога се едноставни решенијата, а не се поволни, тие мора да се комплицираат до точка на вриење за да се разбие претставата дека Македонија, барем досега добро се справува со епидемијата и дека довербата кај јавноста е голема и во јавното здравство, и во стручната медицинска кризна комисија, и во министерот за здравство Венко Филипче.

Во што е тогаш проблемот од неопходноста за тревога и за создавање на тензичен амбиент. Најголемите политички партии со некои нивни весели математики и претпоставки, сомнителни анкети, во ек на епидемија, дошле до сознание дека ако се создадат поволни услови и се надмине вонредната состојба да се одржат предвремените избори до крајот на јуни и почетокот на јули ќе победи СДСМ со коалициските партнери. Ако, пак, изборите се одложат до доцна есен, или во редовниот термин на крајот од годината, економската криза ќе го одреди ВМРО ДПМНЕ за победник на изборите!?

Интересно, во оваа математика без крчмар веруваат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а многу веројатно и нивните партнери. Ете, затоа во никој случај не смее да има избори во термини кога тоа не им одговара на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Заради тоа за едните станува многу опасно да се состане Собранието, а за другите тоа е демократски чин прецизно одреден со Уставот.

За да се успее во тоа мора да се направи пеколен амбиент, од „неуспехот“ на совладување на епидемијата и од падот на економијата. Притоа мора да се удри силно по домашните „непријатели“, стационирани главно во СДСМ, кои го кршат флагрантно Уставот.

Уставот се толкува како алваџиски дефтер

Се толкува Уставот како алваџиски дефтер. Голема е дилемата  дали поранешниот господин Талат Џафери, така именуван до распуштањето на Собранието, сега е веќе почитуван претседател,  кој може да го свика парламентот, или не може во зависност од кој агол гледате. Потоа, на јавна дебата е војната со корона вирусот да се претстави како катастрофален пораз на министерот Филипче и тоа само на делот од техничката влада на СДСМ.

Следуваат откритијата колку е злоупотребена вонредната состојба за криминал и корупција, ама дебатата не се одвива во парламентот, туку преку медиумите. Една од суштинските обелоденети измами преку социјалните мрежи е дека владата безобѕирно ги крие стотиците милиони евра што не сака намерно да ги даде на погодените компании од економскиот шок. Кога сите влади во светот штедро ја помагаат економијата нашата не сака и не знае како тоа да го направи.

Не помалку значајна е онлајн расправата зошто владата задоцни и не реагираше навремено, кога Мицкоски даде волшебни и брзи спасоносни решенија.

Ако сето тоа не е доволно за изборна победа ќе се исценира судир во меѓетничките и меѓуверски односи. Има и други предизборни  рецепти, примерни за крајната десница и испробани пред сите избори.

Кратките нозе на лагата

И видете сега колку ѝ се кратки нозете на лагата, не помина ни еден ден, а се откри дека изјавата на Бугарија испратена до Брисел не е услов  за почеток на пристапни преговори  Македонија – ЕУ, како што овде се прикажа траорно. Станува збор за таканаречена рамка за преговори за која допрва ќе се расправа. И што е уште поважно, додека сѐ уште врескаат нашите патриоти, радикали и уставобранители, бугарски политичари, интелектуалци и јавни личности се огласија со сериозни критики за бугарската  политика кон Македонија.

Умните луѓе и во Бугарија и во Македонија знаат дека ниту еден меѓудржавен  договор ако еднострано е натурен не може да биде одржлив. Тие луѓе во Бугарија јасно и гласно ја прифаќаат реалноста на современа Македонија, како и за македонската нација, така и за македонскиот јазик. Бришењето на македонскиот јазик од графата на јазици на ОН по барање на Бугарија е наша домашна предизборна добро напумпана  доктрина, спакувана божем во таен документ одобрен од Зоран Заев, од Никола Димитров, од Оливер Спасовски и од Радмила Шекеринска и премолечен од претседателот на државата, Стево Пендаровски, со обид да го разводени предавството. Добро е што претседателот на државата Пендаровски прифати лидерска средба во почетокот на мај да го отворат најновиот пакет на Мицкоски за спасување на Македонија. Што мислите – дали нѐ очекува уште поголемо изненадување со стари испробани рецепти.