Пиши-бриши со Цвета Ристовска во Антикорупциска и Универзитетот „Скопје“
ДКСК испраќа „демант“ до сите медиуми за прилог на Телма за можен конфликт на интереси во случајот на Бојан Христовски и држи поуки како треба да работат новинарите

Телевизијата Телма вчера објави прилог во кој прашува дали во Антикорупциската комисија има конфликт на интереси во случајот за директорот на АНБ Бојан Христовски, а од ДКСК попладнето испратија демант до сите медиуми во кој тврдат дека сѐ е регуларно. Дополнително на Телма ѝ префрлаат дека прави шпекулативни текстови и ја подучуваат како треба да се пишуваат новинарски текстови.
Телма во својот прилог само постави прашање дали кај антикорупционерката Цвета Ристовска постои конфликт на интереси затоа што таа во исто време е и предавач на приватниот Универзитет „Скопје“ (поранешен Универзитет за туризам и менаџмент) и ја прегледува валидноста на дипломата на Христовски стекната токму на тој универзитет.
Во реферирањето Ристовска нагласи дека дипломата на Христовски е чиста чиста според известувањето на просветниот инспекторат. Телма објави дека и на сајтот на Антикорупциската комисија и на сајтот на Универзитетот „Скопје“ во нејзините биографии стои дека е ангажирана како наставен кадар на универзитетот. Таа на Инстаграм страната на Универзитетот во април како колешка добила и роденденска честитка.
Во лутата реакција на ДКСК до Телма и сите други медиуми стои дека нема никаков конфликт на интереси во овој случај, а вечерта Универзитетот „Скопје“ ја отстрани сликата на Цвета Ристовска од списокот на наставниот кадар на кој Ристовска се наоѓаше повеќе од десет месеци по нејзиниот избор за член на ДКСК.
Овој состав на Антикорупциската комисија уште од почетокот работи со контроверзии, од барањата за дипломатски пасоши, преку желбата за службени автомобили, а потоа своевидната крстоносна војна против поранешната директорка на Академијата за судии и јавни ибвинители и дописите полни со прекор до Судскиот совет. А во исто време, нивната транспарентност е сведена на минимално ниво. Нејзините членови, освен претседателката, која единствено се појавува во јавноста, речиси никој не ги знае. Името на Цвета Ристовска наеднаш исплива во пошироката јавност токму поради „помилувањето“ на Бојан Христовски.

Реакцијата на Антикорупциската комисија, потпишана од претседателката Татјана Димторовска, изобилува со поуки до Телма како треба да работат нејзините новинари (а преку телевизијата и до целиот новнинарски еснаф), но не даваат одговор како за само неколку часа од емитувањето на прилогот членовите на ДКСК усепале да проверат дека нема конфликт на интереси кај Цвета Ристовска. Откако тврдеа дека нема конфликт на интереси, Универзитетот „Скопје“ ја отстрани фотографијата на Цвета Ристовска од списокот на наставниот кадар.
Еве дел од поширокиот „демант“ на Антикорупциската комисија, во кој се замолуваат „сите медиуми да го почитуваат интегритетот, стручноста и компетентноста на секој член на ДКСК“, а во исто време тие ја поткопуваат професионалноста и стручноста на новинарот Миомир Серафиновиќ од Телма:
„Членот на ДКСК, Цвета Ристовска, нема две позиции во јавниот живот, како што се шпекулира во текстот. Цвета Ристовска дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Економскиот Факултет во Скопје во 1991 година, а магистрирала на Универзитетот за туризам и менаџмент – економски науки, во 2011 година. Тоа што на веб страната на ДКСК во делот на нејзината биографија стои дека магистерските студии се тековни, е техничка грешка. Доколку медиумот се обратеше до нас или го контактираше членот на ДКСК Цвета Ристовска, како што налагаат новинарските стандарди и етика, истото ќе беше појаснето. Медиумот воопшто не го контактираше членот Цвета Ристовска на нејзиниот мобилен службен телефонски број, како втор извор на информации, како што налагаат професионалните стандарди.
Сите членови на ДКСК во континуитет внимаваат на потенцијален судир на интереси и совршено добро ги познаваат одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и Етичкиот кодекс на ДКСК.
Медиумот Телевизија Телма нафрла само наводи во текстот од типот дека членот Цвета Ристовска се сликалa со ректоротот на Универзитетот Скопје, дека е ангажирана како дел од наставниот кадар од Универзитетот, кои наводи се апсулутно шпекулативни, манупулативни и вооппшто не кореспондираат со предметот на постапката што се водеше пред ДКСК.
Со ваквиите наводи медиумот само се обидува да ја замајува јавноста дека зад ваквата одлука стојат некои други шпекулативни интереси, а не правото и законитоста.
Членот на ДКСК нема било каква деловна врска со Универзитетот Скопје, како би дошло до судир на интереси со нејзиното постапување во конкретниот предмет, од причини што Универзитетот Скопје не е предмет на постапување пред ДКСК. Дополнително, Државниот просветен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор на Универзитетот Скопје, заради
проверка на наводите во пријавата против директорот на АНБ, Бојан Христовски. По извршениот надзор, беше констатирано дека неговата диплома е во ред. Одлуката за Бојан Христовски е донесена едногласно. За каков потенцијален судир на интерес зборуваме, во услови кога надзорот е извршен од друг орган“. (Н.В.)