Пиши-бриши на Твитер профилот на Урсула фон дер Лајен: прво „северномакедонски“, па го снема
Најавата на профилот на Твитер на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен дека утре доаѓа во Скопје и дека ќе се сретне со „северномакедонскиот претседател Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски“ создаде инстантна голема бура во јавноста. Невнимание или не, ненамерен пропуст на луѓето што го администрираат овој профил или навестување на можна идна политика, но ваквата најава беше најлошата можна пред утрешното обраќање на Фон дер Лајен во македонскиот парламент.
Кусо време потоа објавата на Твитер беше коригирана и на неа пишуваше дека претседателката е на средба со претседателот на Северна Македонија.
„Претседателката Вон дер Лајен утре ќе биде во Скопје на средба со северномакедонскиот претседател Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски. Претседателката ќе се обрати во северномакедонскиот парламент на свечената седница во 13 часот“, објави Европската комисија во првичниот твит, а на фотографијата беше наведено „претседателката Урсула фон дер Лајен во македонскиот парламент“.
Во новиот објавен твит ја немаше придавката „северномакедонски“.
„Претседателката фон дер Лајен утре ќе биде во Скопје на средба со претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски. Претседателката ќе се обрати во парламент на Северна Македонија на свечената седница во 13 часот“, објави Европската комисија во коригираниот твит.
Од Министерството за надворешни работи наведуваат дека како и секогаш реагирале веднаш штом забележа дека е употребена несоодветна придавка.
„Добивме уверување дека е направена ненамерна грешка, по што објавата беше веднаш избришана“, велат од МНР.