„Пирова“ победа на македонските кошаркари над Естонија во евроквалификациите
Македонската кошаркарска репрезентација остана без учество на Европското првенство, и покрај победата над Естонија попладнево во Перм од 86:84, што беше недоволна во пресметката со директниот конкурент за пласман на завршницата.
На македонските кошаркари им беше неопходна победа од најмалку девет поени разлика, а задачата уште повеќе им се усложни по првото полувреме, кое Естонците го добија со плус 11 поени разлика (49:38).
Македонскиот напад не функционираше во првите две четвртини, во кои избраниците на Александар Тодоров имаа дури 12 загубени топки и само три реализирани тројки од 14 обиди.
Со агресивна одбрана на стартот на третата третина и серија од 12:0, од кои девет поени постигна Џејкоб Вајли, Македонците се приближија на 54:50, но уследија две „среќни“ тројки на спротивната страна со кои Естонија ја врати предноста од десет поени.
Македонските кошаркари не се откажаа во ниту еден момент и упорноста им донесе водство од 81:80 на 1,44 секунди до крајот на натпреварот, но немаа сили за подвиг.
Најефикасни во македонските редови беше Ненад Димитријевиќ со 23 поени, додека Вајли постигна 18 кошеви, додавајќи и 14 скокови.
Македонските кошаркари во евроквалификациите забележаа по една победа и пораз против Италија и Естонија, и два порази од Русија.
Разочараност од неуспехот да обезбеди пласман со македонската кошаркарска репрезентација на Европското првенство, и покрај две победи во квалификациите, изрази вечерва селекторот Александар Тодоров.
– Ние сме единствениот тим во овие квалификации кој со две победи не оди на Евробаскетот. Лично, јас сум разочаран, но истовремено сум многу горд на оваа група момци бидејќи навистина успеавме да создадеме еден тим, но овој пат тоа не се покажа како доволно, изјави Тодоров на прес-конференцијата по натпреварот со Естонија. (86 :84).
– Го загубивме натпреварот во првото полувреме, кога дозволивме многу отворени шутеви на противникот. Потоа се обидовме да направиме нешто како вчера, но тоа не беше доволно. Се обидовме да се избориме за продолжение, но Естонија очигледно ја прочита нашата идеја, па почнаа и намерно да промашуваат шутеви на крајот, истакна македонскиот селектор.
Пласман на Евробаскетот, покрај домаќините Италија, Германија, Грузија и Чешка, обезбедија досега уште Хрватска, Грција, БиХ, Израел, Шпанија, Словенија, Украина, Русија, Србија, Финска, Полска, Унгарија, Белгија, Холандија, Турција, Бугарија, Франција, Естонија и Велика Британија.