Драма со директорката од Демир Хисар: Ја викнале на информативен разговор, па прашале кој ја викнал!


Откако во полицијата во Демир Хисар на информативен разговор утрово се јави директорката на гимназијата од Демир Хисар, Маја Лозановска, во придружба на нејзиниот адвокат Жаре Стеваноски, тој по посетата на полицијата изјави дека полициски службеник, кој исто така бил вечерта пред домот на директорката, ги прашал кој ги поканил, иако од полициски службеник телефонски биле повикани денеска на разговор.

-Застрашувачки за мене како адвокат е тоа што денес ни доставија покана, покрај овој разговор за повторно утре да се јавиме на информативен разговор во полциската станица. Поканата ја примивме, иако и телефонското повикување на информативен разговор е официјална покана за изјава кое го стори началникот на 8 август. Еден час траеше дебатата околу тоа дали треба да има разговор, а ние побаравме да поднесеме и пријава, бидејки од началникот на ОВР Демир Хисар бевме информирани на денот на претресот дека било обиено во училиштето од страна на новата директорка. Извадивме и тековна состојба од централниот регистар кој претставува лична карта на училиштето и во неа се уште овластено лице е Маја Лозановска. Со оглед на тоа денеска пријавивме и кривично дело самовластие до МВР од каде побаравме да дојдат во училиштето во службените простории за да видат дали постапиле соодветно по наредбата која беше издадена, која тие ја бараа за претрес со цел да видат каде се печатите. Одбија да дојдат со нас и не упатија, ако има некаков проблем да сме се јавеле, вели адвокатот на Лозановска.

На 8 август вечерта, полицијата направи претрес во домот на Лозановска барајќи го печатот од училиштето. Таа во тој период беше на боледување, а полицискиот началник рече дека и на носилки ќе ја однесе на информативен разговор иако имаше налог само за претрес, а не и за нејзино лишување од слобода. Од МВР покренаа дисциплинска постапка против началникот, а за случајот соопштија дека против директорката имало пријава и постоеле основи на сомневање за кривично дело Одземање печат и службени документи.

Имено, директорката од страна на градоначалникот на Демир Хисар незаконски беше разрешена во очи на изборите додека таа го користи своето боледување, па откако не можеле да ги пронајдат печатите за да направат фалсификат, се обидоа преку злоупотреба на правосудните органи преку претрес истите да ги најдат во нејзиниот дом. Сепак директорката Лозановска печатите ги чувала соогласно закон – заклучени во сеф во нејзината канцеларија.

Градоначалникот ја разреши Лозановска, како што рече, по налог на Просветниот инспекторат поради неправилности во работењето. Но, адвокатот Стеваноски изјави дека целта била да се назначи новата в. д. директорка која ќе ги заврши трите вработувања пред распишување на локалните избори.

Лозановска заедно со нејзиниот адвокат отидоа и во училиштето каде соогласно Закон, Лозановска се уште е директор, а таму ја начекаа нејзината канцеларија обиена.

На новоименуваната директорка на средното училиште адвокатот Жарко Стефановски и посочи дека соогласно Закон, Лозановска се уште е директор на училиштето и им ги објасни сите процедури и закони кои се прекршени.Таа замоли да не се снима средбата, но сепак Стефановски истото не го дозволи.

Драма се случи и со новинарските екипи кои денеска беа легитимирани од полициските службеници во Демир Хисар додека го следеа увидот во гимназијата, каде што беше пријавено провалување во директорската канцеларија. Од полицијата на новинарите им беше кажано да дадат лични карти зашто се воделе како непознати лица на настанот.Полициските службеници ги запишаа комплетно сите податоци од личните карти од адреса и датум на раѓање, па дури и бројот на регистерска табличка од возилата. Ова се случи иако новинарите носеа новинарски легитимации.