Пикот на грипот се очекува кон средината на февруари
Надлежните очекуваат раст на заболени од грип, а пикот се очекува кон средината на февруари. Почетокот на второто полугодие за учениците и дружењето на луѓето во затворен простор поради ниските температури, се дел од факторите што допринесуваат бројот на заболени да расте во овој период.
– Секоја година се зголемува бројот на заболени од грип до средината на февруари, кога се очекува пикот. Со години тоа е така. Пикот е во втората половина на февруари. Ќе растат бројките уште, но, споредено со минатите години, нема никаква разлика во однос на тоа како е сега. Дури ако споредиме со лани, оваа година состојбата со заболени лица од грип е нешто подобра. Тоа што бројот на заболени ќе расте, не зависи само од училиштата, таква е динамиката на раст на бројот на заболени од грип, појасни за МИА, портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ.
Мехмедовиќ препорачува децата кои веќе имаат развиено симптоми налик на грип, да бидат изолирани и да не одат во училиште.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, од 6 до 12 јануари пријавени биле 1.053 случаи на групни пријави за заболени од грип и слични заболувања, или 3,2 пати повеќе во споредба со претходната недела.
– Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на таканаречените ризични групи согласно препораките на СЗО: лица над 65 години, деца на возраст од шест до 59 месеци, лица постари од шест месеци со хронични болести, бремени жени и здравствени работници, подвлекуваат од Институтот.
Заклучно со втора недела од 2025 година, во државава вакцинирани се вкупно 72.318 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.