Пијаните возачи во иднина ќе одговараат кривично – што значат промилите?
За личност од 70 кг, 1 до 1,5 пиво (0,5 л, 5% алкохол) може да доведе до 0,5 промили. Значи, ако испиете 1 до 1,5 пиво, веројатно ќе достигнете 0,5 промили

Возењето под дејство на алкохол со концентрација од најмалку 1,50 г/кг промили во крвта или возење со брзина која надминува 50 км на час во населено место или 70 км на час надвор од населено место над дозволената, како и возењето под дејство на дроги, психотропни супстанции или прекурзори согласно последните измени на Кривичниот закон претставува кривично дело.
Членот 297-а „Безобѕирно управување со моторно возило“ во пракса значи дека овие дејствија кои претходно беа прекршочно казнувани се подигнати на ниво на кривично дело, а возачите имаат кривична одговорност во наведените случаи дури и доколку нема директна штетна последица – предизвикана сообраќајна незгода.
Меѓутоа, додека полицискиот билтен секојдневно регистрира случаи на возачи кои управуваат со 2.90 промили алкохол во крвта, возат со недозволени брзини над 190 километри на час или се движат во забранет правец, загрозувајќи животи и имот, а за кои МВР информира дека поднесува пријава за „Безобѕирно управување со моторно возило“ по членот 297-а, сѐ уште не се донесени потребните законски измени и усогласувања што ја ограничува неговата целосна примена, поради што во пракса се јавуваат ситуации каде правната квалификација на делото се менува во текот на постапката, а дел од случаите се третираат како прекршоци.
Инкриминирањето на ова дело не ги „сопре“ возачите и само во првата половина од годинава евидентирани се 157 кривични пријави. Во меѓувреме се подготвуваат и нови, построги законски измени со кои се предвидува и одземање на возила. Овие измени, како што е најавено, се дел од поширокиот Проект Safe City, кој има за цел да ја зголеми безбедноста на патиштата и да ја зајакне казнената политика.
Воведувањето на членот 297а е чекор напред во правната регулатива за сообраќајна безбедност. Статистиката покажува дека институциите почнуваат поактивно да го применуваат, а јавноста станува посвесна за сериозноста на делото. Сепак, за да се постигне целосен ефект, потребно е усогласување на сите релевантни закони, континуирана едукација на возачите, и засилена контрола од страна на полицијата и обвинителствата. Бидејќи безобѕирното управување не е само правен проблем – тоа е прашање на култура, одговорност и грижа за животот на другите, а почитувањето на овој член е чекор кон побезбеден, поодговорен и похуман сообраќај.
Речиси четирикратно зголемување на пријавите, само во август 82 лица биле лишени од слобода
Кривичното дело „безобѕирно управување со возило“ беше воведено со Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, а неговата примена започна по 15 март 2024 година.
Во првите шест месеци од 2025 година, МВР евидентирало 157 кривични пријави за ова дело, што е речиси четирикратно зголемување во однос на претходната година, кога имало вкупно 43. Дополнително, во август 82 лица биле лишени од слобода, најчесто поради возење под дејство на алкохол или прекумерна брзина.
Податоците по градови покажуваат дека во 2025 година најмногу кривични пријави се поднесени во Тетово – 23, Прилеп – 19, Кочани – 13, Делчево – 11 и Гостивар – 10.
За споредба, во 2024 година најмногу пријави имало во Кичево – 8, Македонски Брод – 8, Кочани – 6, Виница – 5 и Прилеп – 4.
Членот 297-а предвидува парична казна или затвор до три години, што претставува значајна промена во однос на претходното прекршочно санкционирање.
Јавно обвинителство: Безобѕирното управување со возило веќе е кривично дело, но примената е ограничена
Иако членот 297-а од Кривичниот законик воведе ново кривично дело – безобѕирно управување со моторно возило, Јавното обвинителство укажува дека неговата примена во пракса е сè уште ограничена, поради недонесени измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
-Со воведувањето на членот 297-а во Кривичниот законик се воспостави ново кривично дело – Безобѕирно управување со моторно возило, со кое се предвидува кривична одговорност за учесник во јавниот сообраќај кој не се придржува на прописите за безбедност и со тоа го загрозува јавниот сообраќај, велат од обвинителството.
Ова дело опфаќа возење под дејство на алкохол (над 1,50 г/кг), дроги, психотропни супстанции, возење во забранет правец, претекнување на непрегледно место или значително надмината брзина. За него е предвидена парична казна или затвор до три години, но бидејќи слични однесувања претходно се санкционираа прекршочно, потребно е законско усогласување.
-За да се овозможи целосна примена на кривичната одговорност и нејзино разграничување со дејствијата кои опфаќаат прекршочна одговорност, потребни се измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кои сè уште не се донесени, истакнуваат од обвинителството.
Оттаму велат дека сите кривични пријави поднесени од МВР за ова дело се процесуирани од надлежните обвинителства, но правната квалификација може да се менува во текот на постапката.
Министерството за правда со нови измени во Кривичниот законик: Построги казни за сообраќајни прекршоци и одземање на возила
Министерството за правда го финализира Предлогот за измени и дополнувања на Кривичниот законик, со кој се предвидуваат построги санкции за сообраќајни прекршоци, нови инкриминации и мерки за одземање на возила. Овие измени се дел од поширокиот Проект Safe City, кој има за цел да ја зголеми безбедноста на патиштата и да ја зајакне казнената политика.
Работната група за измени на КЗ беше формирана на 16 јануари 2025 година. Во Предлогот ќе бидат вградени најургентните измени и дополнувања заради надминување на лоцирани недостатоци во примената на Кривичниот законик, информираат од Министерството.
Меѓу најзначајните новини е измената на членот 297-а, со која се зголемува долната граница на затворската казна за безобѕирно управување со моторно возило, а се воведува и кумулативна парична казна. Дополнително, се предлага инкриминирање на организирање и учество во недозволени трки, како и управување без возачка дозвола или со важечка забрана.
Во Предлогот е вклучен и нов член 300-б, кој предвидува одземање на моторното возило со кое е сторено кривично дело, под одредени услови. Оваа мерка ќе се применува и во случаи кога сторителот возел со значително надмината брзина, особено ако претходно бил осудуван за слични дела.
-Со наведените новини се очекува позитивно да се влијае на планот генерална и специјална превенција“, велат од Министерството, нагласувајќи дека измените се усогласени со Законот за прекршоци и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Покрај тоа, се воведува и нова одредба – задолжително изрекување на забрана за управување со моторно возило во траење од една до десет години, како и можност за престанок на важење на возачката дозвола за одредена категорија.
Од Министерството за правда велат дека Предлог-законот за прекршоци веќе е во собраниска процедура, додека измените на Кривичниот законик треба да бидат усвоени од Владата пред да бидат доставени до Собранието. Обуките за примена на новите одредби ќе ги спроведе Академијата за судии и јавни обвинители.
Што значат еден, два, три или пет промили алкохол во организмот?
Промил е едноставно мерка за концентрација на алкохол во крвта. 0,3 промили значат дека во 1 литар крв има 0,3 грама алкохол. За подобро појаснување: за просечна личност со тежина од 70 килограми, една чаша пиво од 0,5 литри (околу 5% алкохол) може да доведе до околу 0,3 промили во крвта. Значи, ако испиете едно пиво, многу е веројатно дека ќе бидете на границата од 0,3 промили.
Стандардна чаша вино (околу 12% алкохол) може да го зголеми нивото на алкохол во крвта за околу 0,3 промили кај личност од 70 кг. Тоа значи дека една чаша вино може да биде доволна за да се достигне дозволената граница.
Ако пиете ракија, виски или некое друго жестоко пијалок со 40% алкохол, околу 30 мл од тој пијалок може да доведе до приближно 0,3 промили кај личност од 70 кг.
Значи, 0,3 промили алкохол во крвта приближно одговараат на:
1 пиво (0,5 л)
1 чаша вино
30 мл ракија
Оваа количина на алкохол е дозволена во Босна и Херцеговина и Црна Гора, односно не се изрекуваат сериозни и потешки санкции доколку се утврди дека ја имате додека управувате возило.
Во земјите од ЕУ, како Словенија и Хрватска, но и во Северна Македонија која сè уште не е дел од ЕУ, дозволената граница е 0,5 промили.
Тоа значи дека е дозволена повисока концентрација на алкохол во крвта, односно во еден литар крв може да има 0,5 грама алкохол.
Во тој случај, за просечна личност од 70 кг, 1 до 1,5 пиво (0,5 л, 5% алкохол) може да доведе до 0,5 промили. Значи, ако испиете 1 до 1,5 пиво, веројатно ќе достигнете 0,5 промили.
Кај виното, 1 до 2 чаши (150 мл секоја, 12% алкохол) може да доведат до 0,5 промили во крвта кај личност од 70 кг. Значи, две стандардни чаши вино може да бидат доволни за да ја достигнете оваа граница.
Ако пиете ракија или виски (околу 40% алкохол), 40 мл од тој пијалок (околу една и пол стандардна мера) може да доведе до приближно 0,5 промили во крвта кај личност од 70 кг.
А кога станува збор за 0,2 или 0,1 промили алкохол во крвта, тоа значи дека е доволна многу мала количина од било каков алкохолен пијалок за да се достигне тој резултат.
Тоа значи едно пиво, една чаша вино или 20 мл жесток пијалок, додека само 10% од испиениот пијалок може да биде доволно за при алкотестирање да се покаже 0,1 промил алкохол.
Сепак, поднесувањето на алкохол и возењето под негово влијание во голема мера зависат од полот, телесната тежина, возраста, како и општата здравствена состојба на личноста.
Алкохолот влијае и на нормалното расудување
Она што сигурно е точно е дека дури и најмалата количина алкохол во крвта може да влијае на нормалното расудување, навремената и ефикасна реакција во сообраќајот, како и на способноста за управување со возило.
Тоа го потврдуваат и двете несреќи што се случија само изминатиот викенд, во кои настрадаа млади животи. Во двете случаи – и во Почител и во Словенија – возачите биле под дејство на алкохол и предизвикале несреќи со смртни последици.
Затоа, најпаметно е да не возите доколку планирате да консумирате алкохол, или во тој случај да ве вози трезен пријател или член на семејството. Секогаш постојат и други опции како такси или јавен градски превоз.
Освен сите горенаведени парични и други казни, постои и една најтешка казна – живот со вина и грижа на совеста за одземен човечки живот.