„Пијана“ – песната со која Дани се врати на „Макфест“


„Пијана“ е новата песна на нашата поп рок дива, Дани Димитровска која по неколку години повторно застана на сцената на Макфест и му подари на 39-то издание на овој фестивал уште еден хит.  „Пијана“ вибрира љубовно – пијанство од љубов и среќа е најубавиот поздрав кој може да го посакаме некому“. Музиката и текстот се на Весна Малинова, а за аранжманот стои Јордан Манов.
„…немам време да мразам на луѓе да газам“ нека е добро утро секој ден, за да ни тргне денот со посвета на себе“, порачува Дани во својот најнов сингл.
Дани ја промовираше „Пијана“ на Макфест во највпечатлив сценски костим и ги подигна стандардите на сценскиот израз, а видео записот на оваа песна беше објавен во неделата, ден по фестивалскиот настап. Спотот е во целосна продукција на 2by4, во режија и монтажа на Ени Вучидолова.

„Видеото за „Пијана“ е најприродниот однос досега прикажан. Реалните сопнувања, паѓања и будалаштини се задржани и прикажани во видеото како потсетник на тоа дека сме живи луѓе, создадени за слобода, за емотивна размена, соединување. 2by4 продукција го обои и соедини ова парче вистина кое, сигурна сум, ќе ви украде насмевка“, изјавува Дани.

Обожователите на Дани Димитровска имаат можност да ја слушнат „Пијана“ на сите музички стриминг платформи, а на YouTube да го погледнат видео записот.
Наскоро ќе слушнеме уште една нова песна од Дани, за која таа вели дека е најразлична од сѐ досега што снимила, но се надева дека ќе и се допадне на публиката затоа што има важна порака да пренесе.