Петта награда за „Номадленд“, Жао се поблиску до  Оскарот


САД– „Номадленд“ на Клое Жао ја продолжи својата доминација низ сезоната на награди викендов, кога ги освои најголемите признанија на 73-те годишни награди на Здружението на режисери.

Кинеската режисерка е втора жена што ја заслужила честа и прва Азијатка. Кетрин Бигелоу беше прва за „The Hurt Locker“. И со тоа го зацврстува нејзиниот статус на фаворит, пред Оскарите на 25 април.

Само седум пати во историјата, добитникот на ДГА досега не го освоил Оскарот за најдобра режија. Минатата година беше редок исклучок кога еснафот го почести режисерот на „1917 година“, Сем Мендес, а потоа Оскарот го доби режисерот на „Паразитот“, Бонг Јун Хо.

Жао беше во конкуренција со  Емералд Фенел , Арон Соркин, Ли Исак Чунг и Дејвид Финчер . 

Лирскиот филм на Жао со Франсис Мекдорманд во главната улога го започна патувањето со наградите освојувајќи го „Златниот лав“ на филмскиот фестивал во Венеција, наградата „ People’s Choice“ на меѓународниот филмски фестивал во Торонто, „Златен глобус“ за најдобра драма и најдобра режија и врвна почест од еснафот на продуцентите.

Филмот е по книгата „Номадленд: Да се преживее Америка во 21. век“ на Џесика Брудер. Мекдорманд го игра ликот на Ферн, која по пропаѓањето на компанијата во рурална Невада ќе тргне на пат со комбе истражувајќи го неконвенционалниот живот на современ номад. (АП)