Петрушевски: Предлогот на СДСМ за помош на семејствата на настраданите во Кочани е неприменлив

Најновиот предлог-закон што во Собранието го поднесе опозициската СДСМ – Законот за поддршка на настраданите во несреќата во дискотеката во Кочани – требаше да биде сериозен, одмерен и одговорен обид за системска поддршка. За жал, тој е далеку од тоа, порача денес пратеникот Бране Петрушевски во име на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, СДСМ се обидува да ја злоупотреби болката на семејствата за дневно-политички цели, со чија болка тој инаку лично сочувстувал.
“Овој предлог-закон е делумно неприменлив, делумно влегува во колизија со сопствените одредби, а делумно се преклопува со постоечки законски права. Сето тоа укажува дека станува збор за документ кој повеќе служи за политички маркетинг отколку за вистинска поддршка.
Дополнително, законот експлицитно ги фаворизира настраданите од одредени настани, игнорирајќи други слични трагедии. Со тоа се воспоставува опасен преседан – правата се темелат на конкретен настан, наместо да се воспостави универзален и праведен систем за сите жртви на несреќи или катастрофи, што го нарушува уставното начело на еднаквост на граѓаните пред законите.
Во исто време, сакам јасно да нагласам дека продолжува континуираната и промптна поддршка од страна на Владата за сите погодени граѓани, како што беше случај и веднаш по трагедијата – кога беа преземени сите потребни мерки за покривање на трошоците за лекување и медицински транспорт во странство. Владата реагираше навремено, одговорно и човечки, и ќе продолжи со таа практика низ институционален, а не политички наметнат пристап“, твдеше Петрушевски иако семејствата од Кочани се жалат дека не добиле никаква помош надвор од таа обезбедена од донациите во Црвениот крст.