Петровска: Тежок збор е дека сме изиграни од Бектеши

Министерката за одбрана Славјанка Петровска го нарече „ тежок збор“ прашањето дали биле изиграни од министерот за економија Крешник Бектеши околу спојувањето на концесиите за рудникот Иловица.
„Она што е многу важно е мојата реакција и реакцијата на колегите кои бевме, а тоа се колегата Спасовски и колешката Шукова, се разбира и присуството на двете министерки на протестот што всушност покажува дека ние навистина ја слушаме реакцијата на јавноста“, вели Петровска.
Таа додава дека не гледа ништо спорно ако се констатира дека за некоја одлука што ја донела Владата како колективен огран треба да има ревизија.
„Тоа не е слабост на министрите, напротив тоа е нивно покажување на достоинство дека знаат да се коригираат. Очекувам на утрешната седница на Влада, како што беше дискутирано, повторно да биде отворена оваа точка“, додава Петровска.
Од СДСМ утрово соопштија дека концесиите за рудникот Иловица се дадени во 2012 и 2013 година од страна на влада на ДПМНЕ и Никола Груевски, на кого Христијан Мицкоски му беше советник.Одлуката е донесена на 16 јуни 2012 година, потпишана од соработникот на Мицкоски, Зоран Ставревски и објавена во Службен весник истиот месец 2012 година.И општините во тоа време раководени од градоначалници од ДПМНЕ, Општина Босилово и Општина Ново Село носат одлуки за отворање на рудник.
-Денеска кога Мицкоски зборува нешто различно, прво лаже, а второ тоа е врв на лицемерие. Заради тие одлуки на ДПМНЕ државата е сега ставена во судски лавиринти со години. СДСМ од прв ден бил против тие рудници. Кога лично шефот на Мицкоски, Никола Груевски во 2016 година најавуваше отворање на 10 рудници во југоисточниот регион, СДСМ беше против. СДСМ и денес е против отворање на рудници кои што не ги сакаат граѓаните во нивните места, соопштија од СДСМ.