Петровска со иницијатива за подигање спомен-обележје во Тетово за загинатите во масакрот кај Вејце


Фото: Б. Грданоски

Заради оддавање почит кон загинатите припадници на безбедносните сили на Република Северна Македонија кои своите животи ги загубија во масакрот кај Вејце, поднесувам иницијатива согласно член 18 од Законот за меморијалните споменици и спомен-обележјата Советот на Општина Тетово да донесе одлука за подигање на спомен-обележје, објави министерката за одбрана Славјнка Петровска.

– Овие настани не треба и не смее да нè разделуваат, напротив, тие треба да бидат паметник од минатото, грешките да не се повторат и страдањата да не оживеат, напиша министерката Петровска. 

Министерството за одбрана со иницијатива до градоначалникот на Тетово, Билал Касами, и до претседателот на советот на општината, Беса Дурмиши, бара да се постави спомен обележје во чест на загинатите припадници на безбедносните сили во масакрот кај Вејце, Тетовско.

Иницијативата, потпишана од министерката Славјанка Петровска, е поднесена согласно членот 18 од Законот за меморијални споменици а со цел оддавање почит на загинатите борци.

Во документот пишува дека Министерството за одбрана е подготвено да ја спроведе постапката и да ги сноси трошоците за проектирање и изведба на ова спомен-обележје.

Денеска се навршуваат 22 години од подмолниот напад кај тетовското село Вејце во кој осум припадници на специјалните единици на МВР беа убиени. Животот го загубија  Роберт Петковски (27) од Скопје, Бобан Трајковски (28) од Куманово, Игор Костески (26) од Скопје, Миле Јаневски (30) од Македонска Каменица, Марјан Божиновски (27) од Битола, Илче Стојановски (24) од Битола, Кире Костадиновски (24) од Битола и Бошко Најдовски (24) од Битола. Осумтемина бранители, во војната од 2001 година, заедно со уште шестмина кои преживеаја, беа нападнати од заседа движејќи се меѓу тетовските села Селце и Вејце.