Петровска прашува дали бил сменет шефот на внатрешна контрола во АНБ

Пред посетата на пратениците од комисијата за надзор на АНБ, Славјанка Петровска (СДСМ), во изјава за новинарите рече дека јавноста мора да знае што навистина се случувало со наводното следење на Христијан Мицкоски во времето кога беше лидер на опозицијата и на други лица. Таа не знае дали Агенцијата за национална безбедност ќе има слух да изврши деласификација или делумна декласификација.
„Она што го очекувам од овој надзор е да ни биде дозволен увид во сите документи кои ќе ги побараме, кои агенцијата смета дека треба да ни бидат достапни, но и оние кои ќе ги побараме на наша барање. Јас веќе имам подготвено околу триесетина прашања кои ќе ги упатам, а сѐ во интерес на расчистување на овој случај. Едно од тие прашања кои ќе ги поставам, а за жал ако состанокот ќе биде класифициран, нема да може да ви го дадам јас одговорот, е што се случило со полиграфистот кој се посочува, барем во брифинзите кои ги има дел од јавноста, дали тој сè уште е на работа, дали заминал, дали заминал под притисок? Што се случило со шефот на внатрешната контрола, зошто тој бил сменет? Можеби не е вистина, но ако бил сменет зошто тој бил сменет непосредно пред да започне оваа внатрешна истрага во агенцијата“, рече Петровска.
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека пратениците треба да појдат во сите агенции, и во Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање.
„Ккажав што имав да кажам, нема што повеќе да зборувам“, рече Мицкоски, при денешниот увид на проекти во Гази Баба, одговорајќи на новинарско прашање што очекува од посетата на пратениците на АНБ.
На денешната седница на Комисијата за надзор на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање беше одлучено членовите на оваа Комисија кои имаат безбедносен сертификат да ја посетат АНБ и да ги разгледаат документите кои ќе им бидат доставени. Со Комисијата претседаваше пратеникот Блерим Беџети. Членовите на Комисијата покрај надзорот во АНБ за утре во 12 часот донесоа одлука да ја посетат Агенцијата за разузнавање.