Петровска: НАТО ги отвори вратите за македонскиот бизнис сектор


НАТО не е само безбедност, туку и економска шанса. Со членството во НАТО се создаде можност компаниите од нашата земја да учествуваат во нивните тендерски постапки и да понудат производи кои би можеле да ги испорачаат за потребите на Алијансата, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната промоција на поткомитетот „НАТО и бизнис заедницата“ во Стопанската комора.

Се работи, како што рече, за еден значителен буџет, којшто се мери во милијарди евра.

-Како дел од евроатлантското семејство, Северна Македонија е доверлив и достоинствен сојузник, а НАТО пазарот е компетитивен пазар којшто не треба да ни претставува пречка, туку да ни биде дополнителен мотив да бидеме подобри, поефикасни и поквалитетни. НАТО пазарот е потенцијал за дополнително раздвижување на целата наша економија, затоа што спектарот за потребите на НАТО за кои се распишуваат набавки е широк, а за огромен дел од тие потреби, во нашата земја има компании што ги нудат тие производи или услуги со конкурентни цени, рече Петровска.

Додаде дека во земјава има големо производство кое може да биде понудено, пред сѐ во делот на прехранбената, текстилната, металната индустрија, како и во делот на пропратните логистички потреби.

Нагласи дека бизнисот во Центарот за поддршка на компании во Министерството за одбрана има доверлив партнер кој е подготвен да помогне со сите информации и знаења за процедурата да биде полесна и поефикасна и да бидат исполнети пропишаните услови.

-До сега постапка за регистрација за учество на НАТО јавните набавки имаат направено 23 компании, но  ве охрабрувам и ве поканувам заедно да ги искористиме овие можности, а со тоа да придонесеме за јакнење на економијата во државата. Овој Центар мора да се искористи. Нашата цел е да им помагаме на компаниите првенствено да извршат регистрација во НАТО агенциите, а потоа да добијат пристап до објавените тендери. Центарот е во функција на пренесување на научените лекции за успешно аплицирање на тендери, како и за поврзување на македонските компании со светските гиганти кои веќе имаат активни договори со НАТО агенциите, а имаат потреба од добавувачи, им рече министерката на присутните бизнисмени.

За поткомитетот „НАТО и бизнис заедницата“, кој е дел од проектот МКД НАТО 2030, истакна дека цели кон создавање сојузништво или партнерство, помеѓу Министерството за одбрана, граѓанското општество и коморите.

– Целта е да се креираат одржливи решенија кои што ќе придонесат за целосно искористување на нашите национални капацитети и потенцијали, во интерес на државата. Овој поткомитет преку заедничка соработка треба да овозможи конкретни мерки, конкретни активности преку кои ќе се олесни и значително ќе се подобри пристапот на нашите компании на НАТО пазарот, со цел да придонесе кон подобрување на македонската економија, меѓутоа и да се отворат нови работни места, заради тоа што НАТО е безбедност, меѓутоа дава и економска шанса на сите нас, посочи Петровска.

Деталните активности на поткомитетот „НАТО и бизнис заедницата“, со креирање на посебна програма за градење на алатки, механизми, постапки и посебни настани кои ќе го олеснат пристапот на македонските компании на НАТО пазарот беа образложени од страна на професорот Марјан Ѓуровски, претседател на комитетот „МКД НАТО 2030“.

Извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев посочи дека со станувањето членка на НАТО земјава, а со тоа и компаниите, имаат можност да настапат на пазарот на членките на НАТО кој има околу една милијарда потрошувачи и е исклучително квалитетен пазар.

-Се работи за земји кои се во самиот врв на економската моќ и за нас тоа може да биде исклучиво интересен пазар, но стандардите кои се бараат за тој исклучителен синџир на снабдување се многу високи, а и количествата на производство и максималните капацитети се многу поголеми од она што нашите компании сега во овој момент го имаат. Токму заради тоа Комората може да помогне многу заради својата можност заеднички со партнерските комори од регионот да направат заеднички конзорциуми и заедно да настапат во делот на задоволувањето на потребите на НАТО во Македонија, рече Пешев.

Токму, поткомитетот, како што рече, ќе овозможи организирано и систематски да му пријдат на проблемот што претставува извонредна прилика за речиси сите наши компании.

-Членството во НАТО овозможува индиректни бенефити  – зголемувањето на директните странски инвестиции во државата и зголемувањето на безбедноста, како и директни бенефити – учеството во операциите на НАТО и настап на пазарот на НАТО, но за тоа се потребни сериозни инвестиции кои ќе им овозможат на компаниите да постигнат многу повисоко ниво на квалитет и стандард што подоцна може да се искористи и при пласманот на производите во Европа и во развиените земји, посочи Пешев.