Петровска ќе поднесе претставка до Комисијата против дискриминација за изјавите на Димитриеска-Кочоска

Пратеничката Славјанка Петровска најави дека ќе поднесе преставка до Комисија за спречување и заштита од дискриминација поради денешните изјави на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која и упати лични напади базирани на нејзината семејна состојба.
Пратеничката Петровска рече дека од собраниската говорница упатила прашање зошто пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не го поддржале законот за намалување на патните трошоци, а на кое не добила одговор.
„Поставив многу јасно прашање кое слободата на говорот ми дава да го формулирам онака како што сметам. Во моето прашање имаше два клучни елементи, а тоа е дали некој со плата од над 100 илјади денари треба да ни кажува каков грашок треба да јадат граѓаните и колку млеко треба да се пие. Можеби е добро во иднина тие потрошувачки кошнички да не ги прават луѓе со големи примања, туку некои со реални примања“, рече Петровска.
Според неа, таа добила навреда, но, како што рече, не ја примила иако намерата била да биде омаловажена затоа што нема деца и семејство.
„Дали јас добив навреда, јас не ја примив навредата. Дали беше намерата да бидам навредена и омаловажена затоа што немам деца и немам семејство, апсолутно да. Реакциите кои следуваа на јавноста не само на СДСМ по ова е тоа што всушност го вознемири ВМРО-ДПМНЕ, затоа што видоа дека отиде работата предалеку“, нагласи Петровска.
Петровска, потсетувајќи на она што го кажа министерката Димитриеска-Кочоска како „Не можам да кажам почитувана. За да кажам почитувана треба да ја заслужите мојата почит“, рече дека само во диктатура е така, во демократија е обратно, министрите се тие кои ја бараат почитта од пратениците, без разлика од која партија доаѓаат.
За изјавата на министерката „врз основа на што вие во уста ги ставате мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши. Јас сум мајка на два сина“, Петровска вели дека алудира на потценување и „обид да ме дискредитира, да ме дискриминира заради тоа што јас немам деца“.
„Тоа е моја лична состојба, мојот личен статус и тоа дали сум сама, дали имам семејство или имам деца е мое лично прашање. Зошто е тоа така знам јас и судбината“, додаде Петровска.
Таа додаде и дека во „нормална држава, во која постои одговорност и во која се знае редот, кој поставува прашања во парламентот и кој кого повикува на одговорност“, би очекувала дека досега ќе има оставка од министерката.
На денешната седница во Собранието, пратеничката од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Славјанка Петровска поставувајќи прашања се осврна на неодамнешните изјави на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за цените на храната, како грашокот од конзерва и количината на млеко што треба да ја консумира едно семејство.
По лавините реакции во јавноста за навредите на Димитриеска -Кочоска, таа подоцна на ФБ профилот „ изрази жалење за контекстот произлезен од нејзината реплика“, но дрско додаде дека „Петровска да престане да глуми жртва и да се соочи со својата одговорност“.
Навредата на Димитриеска-Кочоска врз пратеничката Петровска предизвика ураган од реакции