Петровец: Ја удрил мајка си, ѝ ја приклештил раката со вратата на автомобилот и почнал да вози
Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дополнителни детали за случајот во кој 24-годишник од Петровец е осомничен дека физички ја нападнал својата мајка, а потоа ја влечел со автомобил.
Според Обвинителството, на 25 јули попладнето, осомничениот во семејниот дом ја удрил мајка си со тупаница во лицето. Потоа ја повлекол за левата рака, влегол на возачкото седиште и силно ја затворил вратата, при што раката на жената останала приклештена.
Осомничениот потоа почнал да го управува автомобилот, а жената, неможејќи да се извлече, била принудена да трча покрај возилото сè додека по извесно време не била отфрлена.
Ценејќи ги околностите на случајот, јавниот обвинител му предложил на Основниот кривичен суд Скопје да му определи мерки на претпазливост. Меѓу нив се забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, обврска повремено да се јавува во Судот, како и забрана да ѝ се приближува или да воспоставува и одржува контакти со нападнатата мајка.