Петмина претепале раководител на регионална полиција во Бугарија, нападнатиот е во тешка состојба


Раководителот на регионалната дирекција на Министерството за внатрешни работи во Русе, вишиот комесар Николај Кожухаров, е хоспитализиран во тешка состојба откако беше претепан синоќа, јави порталот БГНЕС.

Инцидентот се случил околу полноќ, кога началникот на полицијата им забележал на пет млади мажи дека возат ризично по патот. Тие покажале агресија и го нападнале Кожухаров.

Полицијата во Русе не даде детали ниту дали се идентификувани сторителите на нападот, јави дописникот на БГНЕС од градот на Дунав. Според информациите од јавното радио, состојбата на комесарот Кожухаров е сериозна поради повеќекратните повреди.БТВ додава дека вишиот комесар Кожухаров бил итно опериран. Првично, постоела опасност да му се отстрани едниот бубрег, но лекарите успеале да го спасат. Кожухаров моментално е на интензивна нега.

Градоначалникот на Русе, Пенчо Милков, потврди дека директорот на полицијата е во сериозна состојба. Тој рече дека е шокиран од инцидентот.

„Како градоначалник на Русе, категорично изјавувам: нема да толерираме насилство и неказнивост! Барам сторителите веднаш да бидат уапсени и судени според законот“, додаде Милков.