Петнаесет илјади луѓе протестираа за климата во Брисел
Петнаесет илјади демонстранти се собраа во белгискиот главен град во рамки на глобалната акција за климатска заштита, овој пат на младите им се придружија и постарите.
На иницијатива на движењето „Млади за климата“ кое неколку месеци организира неделни демонстрации низ цела Белгија, се одржа масовна демонстрација на која повторно се побара “итна и храбра климатска политика“.
На младите им се придружи и движењето „Баби и дедовци за климата“, чиј портпарол објасни дека генерацијата на бабите и дедовците на младите кои демонстрираат се чувствува одговорна за состојбата на планетата.
Бројни синдикати исто така ја поддржаа манифестацијата денеска, некои од нив прифатија да им обезбедат неработен ден на своите членови за да можат да присуствуваат на протестот.
Активистите за климатска заштита во Белгија алармираат дека земјата не е доволно подготвена политички за да се справи со предизвиците и дека не ги исполнува обврските од Договорот од Париз за климата на задоволителен начин. Од белгиската влада се бара да биде поамбициозна во својата политика и да се усогласи со најнапредните земји во делот на мерките за борба против климатските промени.