Петмина раководители од СВР Битола веќе добија откази околу дозволите за оружје

Петтемина од Битола, Прилеп и Крушево досега немале ниту една дисциплинска мерка, туку напротив – биле наградувани


СВР Битола

 

БИТОЛА – Африм Шабани, актуелен помошник на началникот на СВР Битола, Сашо Мирчески доби отказно решение за аферата со издавање одобрение за набавување на оружје.

Шабани на оваа позиција беше во последните девет години, и беше помошник на неколку началници на СВР Битола, како и на сегашниот Сашо Мирчески.  Петмина високи полициски службеници од СВР Битола, од кои по двајца од Битола и Прилеп и еден од Крушево денеска ги добиле отказите. Неофицијално, сите ќе тужат, оти досега немале ни една дисциплинска мерка, туку, напротив, биле наградувани. 

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против свои вработени поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Осомничените несовесно постапиле во вршење на своите должности во однос на поднесени барања за издавање одобрение за набавување на оружје, во периодот од 2021 до 2024 година.

Од МВР за „Независен“ потврдуваат дека во СВР Битола изречени се пет дисциплински мерки.  

„Одделот за дисциплински и судски постапки при МВР по целосно спроведена дисциплинска постапка, достави до министерот за внатрешни работи предлози за изрекување на дисциплинска мерка ‘Откажување на договорот за вработување’ за 5 (пет) работници од СВР Битола, кои биле распоредени на следниве работни позиции:
–        Началник на надворешна канцеларија за криминалистички работи – Прилеп;
–        Главен инспектор за општ криминалитет при НК за КР-Прилеп;
–        Главен инспектор за сообраќајни работи во Одделение за полиција при СВР Битола;
–        Помошник на началникот на СВР Битола и
–        Инспектор за општ криминалитет при НК за КР Крушево“, стои во одговорот од прес-службата на МВР.

Минатата недела беше соопштено дека со кривичната пријава се опфатени 25 лица вработени во МВР. Пријавените во својство на претседател и членови на Комисијата за разгледување и подготвување на предлози во однос на поднесени барања за издавање одобрение за набавување на оружје во СВР Скопје, СВР Куманово, СВР Тетово и СВР Битола, во периодот од 2021 до 2024 година несовесно постапиле во вршење на своите должности и овластувања на начин што при постапување по барањата за издавање на одобрение за набавка на оружје дале позитивно мислење, спротивно на одредбите од Законот за оружје.

По спроведена постапка, за потешко кршење на работниот ред и дисциплина, за 15 вработени е изречена мерка откажување на договорот за вработување, информираа од МВР.

Поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, реагираше дека одлуката да им се даде отказ на 15 високи службеници во МВР – е класична партиска чистка. Според Спасовски, не може некој кој никогаш досега не бил под дисциплинска постапка прва мерка што му е изречена да биде бркање од работа. (А.Б.)