Петков за Блумберг: Мојата прва посета на Северна Македонија најверојатно на 18 јануари


Кирил Петков денеска е во Брисел на средби во ЕУ и НАТО

Бугарскиот премиер Кирил Петков најавува дека датумот на неговата прва посета на Северна Македонија најверојатно ќе биде 18-ти јануари.

Во интервју за ТВ Блумберг, како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков вели дека со Ковачевски сакаат да создадат сосема поинаква рамка за разговорите.

Посочува дека досега главниот фокус беше на историската дебата, но оти смета дека е поважно сите дискусии да се стават на победничка основа за сите. Затоа, како што вели, отвораме пет нови групи – за инфраструктура, економија, културни размени, влез во ЕУ и историја. Наведува дека сака овие групи да работат исклучително ефикасно во следните шест месеци и да постигнат реални резултати.

Петков рече и дека не разбира зошто мора да лета преку Виена за да оди во Скопје, укажувајќи дека треба да има летови Софија-Скопје. Дополни и дека не му е јасно зошто нема железничка врска помеѓу Софија и Скопје.

Запрашан за историјата што останува проблем меѓу двете земји, дури и ако сите други работни групи постигнат одреден напредок, Петков рече дека верува оти луѓето би биле многу понаклонети да бидат поотворени кога ќе се соочат со сите позитивни страни на добрососедството, а такви ги има многу. Досега, вели, не се зборуваше за нив, туку само за проблемите, а кога станува збор за проблемите, сите се држат до своите позиции и нема напредок.

Тој посочува дека од бугарска страна е прецизирано и со македонските партнери има многу густ распоред на овие меѓувладини и деловни средби, како и културни групи од двете страни со многу јасни цели. Според тоа како се постигнува напредок по сите прашања, Петков очекува да се одреди конечниот датум за прием на Република Северна Македонија.

Дополнително, бугарскиот Парламент, вели тој, му даде мандат и има коалициски договор со некои конкретни точки кои треба да се спроведат пред да се направи овој чекор напред. Има Договор меѓу Бугарија и С Македонија кој е потпишан и тие се вклучени во него. Затоа, вели, мора да почнат дискусии со сите позитивни страни, да се исполнат конкретните критериуми за да може тој како премиер да влезе во бугарскиот Парламент да извести за нивниот напредок.

Петков изјави дека има силна волја и верува дека улогата и местото на С Македонија најдобро ќе бидат заштитени доколку земјата биде дел од ЕУ, па колку побрзо напредува, толку побрзо ќе може да се стават поконкретни рокови.

Бугарија, наведува американскиот финансиски медиум, ги блокираше разговорите на Северна Македонија за приклучување кон 27-члениот блок поради историски и јазични тврдења, истовремено тврдејќи дека се кршат правата на бугарските државјани во земјата. Петков, 41-годишниот алумни на бизнис школата на Харвард, избран минатата година да се бори против корупцијата, вели дека сака да ја префрли дебатата од историските спорови за да се фокусира на инфраструктурата и економскиот развој.

-Треба да ги ставиме сите дискусии на сите вин-вин ситуации меѓу двете земји. Ако двете страни почнат да зборуваат за добрите страни, подготвеноста да се постигне договор за важни прашања ќе биде полесна, рече Петков.

Со оглед на тоа што коалициските партнери на Петков, исто така, изразуваат неподготвеност да понудат отстапки, Блумберг оценува дека неговата задача ќе биде тешка. Билатералната комисија од историчари дебатира со години, без напредок на повидок.

Петков вели дека работните групи ќе имаат почести средби за да постигнат напредок по ова прашање во текот на следните шест месеци, обезбедувајќи основа за Бугарија повторно да ја разгледа својата позиција. За да ја олесни промената, тој наведува дека ќе се заложи за паневропски механизам кој ќе штити од дискриминаторски третман на етничките групи.

-Имам силна волја и верувам дека интересот на двете земји е да продолжи патот на Северна Македонија кон ЕУ… Значи, колку побрзо напредуваме со овие чекори, толку побрзо можеме да дојдеме со поконкретни рокови,  смета бугарскиот премиер Кирил Петков.