Петков во Скопје на 30-годишнината од признавањето на независноста од Бугарија


Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија известува за посета на висока делегација од Република Бугарија предводена од премиерот Кирил Петков на Скопје, на 18 јануари. Во придружба на бугарскиот премиер е и министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, како и министерот за транспорт и врски, Николај Сабев.
 
Посетата е планирано да се реализира веднаш по стапувањето во функција на новата Влада на Република Северна Македонија, со што двете држави сведочат за важноста која ја придаваат на меѓусебните односи и соработка. На средбите се очекува да се реафирмираат досегашните резултати и постигнат напредок, како и да се воспостави дополнителна интензивна комуникација во насока на надминување на разликите за важни билатерални прашања меѓу двете земји.
 
Во фокусот на разговорите ќе биде доследната имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во август 2017 година, како и продолжување на напорите за исчекор во обидите да се обезбеди поддршка за почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија.
 
За посетата известија и од бугарската влада нагласувајќи дека таа се совпаѓа со одбележувањето на 30-годишнината од признавањето на независноста на нашата држава од страна на Бугарија.  Од таму велат дека  посетата ќе одбележи нов почеток во развојот на односите меѓу двете земји и ќе ги нагласи следните чекори кои што двете земји ќе ги преземат за решавање на отворените прашања.
 

„Треба да го промениме разбирањето за тоа што всушност значи Република Северна Македонија да преговара со ЕУ и во иднина да биде дел од неа. Да зборуваме за користа која што ние и Република Северна Македонија ќе ја имаме од тој процес“, вели премиерот Петков за посетата.