Петков се фали околу ветото, Каракачанов ќе дига „револуција“
Бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за Бугарското национално радио порача дека Македонија сега има избор за својата иднина, а Бугарија успеала да ги заштити своите национални интереси по гласањето за францускиот предлог, така што наатаму Софија не може да сноси одговорност.
„Направивме нешто неверојатно. За првпат Брисел ја поддржа бугарската позиција“, рече Петков додавајќи дека и самите, како што рече, северномакедонски партии излегле на голем протест против предлогот.
„Ако Северна Македонија се согласи со францускиот предлог, во Уставот на Северна Македонија ќе влезат Бугарите пред да почне преговарачкиот процес. Второ, имаме јасни контролни механизми за говорот на омраза и дискриминацијата. Трето, имаме многу јасни дефиниции за историските факти и образованието во училиштата во Северна Македонија“, рече Петков повторно повторувајќи дека зад спроведувањето ќе стои Брисел.
Тој ги коментираше и односите со претседателот Румен Радев заклучувајќи дека тој нема државен пристап во решавањето на важните прашања за државата.
„Моите последни остри забелешки против претседателот беа на следнава основа – кога имате гласање за недоверба и предлог кој го штити бугарскиот интерес, кога истиот ден како премиер ќе го исполнам моето ветување дека ќе поминам низ Народното собрание, нема смисла да заземате остар став. Чувството беше: што мисли овој претседател во моментов, не гледа ли дека има политичка нестабилност? Беше изненадувачки и запрепастувачки“, рече Петков.
Наспроти него, бугарските националистички партии сметаат дека пратениците кои гласаа за „францускиот предлог“ направиле предавство бидејќи директно го признале постоењето на македонскиот јазик, а не обезбедиле никакви гаранции дека ќе се препрочитува историјата, и дека ќе се санкционира јазикот на омраза. Дури и претседателот Румен Радев смета дека Бугарија во однос на гаранциите за овие прашања и оставила бланко чек на Македонија
Пратеникот на „Преродба“, Ангел Георгиев објаснува неколку точки од документот со кои, како што тврди, Бугарија прави огромни отстапки на сметка на своите национални интереси. Според него, во „францускиот предлог“ директно се признава постоењето на македонскиот јазик и нема цврсти гаранции дека македонската страна ќе го спроведува Договорот за добрососедство од 2017 година. Тој смета дека се дава можност македонската страна да тврди дека го почитува, бидејќи барањето за негово исполнување е формално, без обврски и механизми тоа да се следи при отварањето на секое од преговарачките поглавја.
За Георгиев, предавство е и тоа што не е предвидена обврска РСМ да изготви Акциски план за заштита на заедниците (малцинствата), како основа за отворање на поглавјето 23 „Темелни принципи“. Тој и неговата партија го оценуваат како неуспех и впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав, бидејќи за нив немало да има специјална формулација, туку во преамбулата ќе бидат внесени како останатите малцинства.
За Красимир Каракачанов од ВМРОнодлуката на бугарското Народно Собрание претставува капитулација на бугарската државност и национално понижување на бугарскиот народ.
„Политичарите од Северна Македонија, кои со децении ни ја крадат и фалсификуваат бугарската историја, благодарејќи им на Макрон и на импотентните бугарски пратеници, излегоа како победници“,смета Каракачанов.
Во Декларацијата која ја објави неговата партија се тврди дека во „францускиот предлог“ недостасуваат гаранции за јазикот на омразата, за препрочитување на историјата и за мониторинг врз работата и на конкретните резултати од работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашање и т.н. Каракачанов.
Претседателот Радев се јави исто така порачувајќи дека Бугарија не обезбедила гаранции за историјата, учебниците и за јазикот на омразата.Според него, поради невнимание на политичарите е направен пропуст во однос на бугарско-македонскиот протокол, со што Бугарија, на никаков начин не ги заштитила своите барања.
„Што се однесува за гаранциите за културно-историското наследство, за учебниците, говорот на омраза, вчера пратениците изгласаа бланко чек. Многумина од нив не ни успеаја да сфатат дека тој не ги содржи категорично потребните механизми, рокови и критериуми за заштита“, изјави денеска претседателот на Бугарија, Румен Радев.
За него, францускиот предлог содржи многу од основните бугарски барања, но тој можел да биде и многу подобар доколку го прашале него за мислење.