Петков побара „помош“ од Радев што да прави владата со блокадата на Македонија

Бугарскиот премиер во специјално видео обраќање побара од претседателот Радев да го свика Консултативниот совет да расправа дали ќе ја кренат блокадата за Македонија


Кирил Петков и Румен Радев

 

Бугарскиот премиер Кирил Петков како да се откажа од целата политика што ја промовираше уште кога стана премиер, а особено при посетата на Скопје во јануари и сега се престри кон мејнстримот во бугарската политика за односите со Македонија. И веќе не споменува ништо од онаа агенда за односите меѓу двете земји што ја споменуваше во првите три месеци од годинава.

Тој попладнево го повика претседателот Румен Радев да свика состанок на Консултативниот совет за национална безбедност (во него членуваат претставниците на сите парламентарни партии) на кој ќе се разговара за состојбата на преговорите меѓу Бугарија и Македонија. Тој рече и дека бугарската позиција ќе биде разгледана од коалицискиот совет на владините партнери следната недела, а најпосле за тоа ќе се расправа во собранието.

Последниве неколку недели Бугарија е под силен притисок од Европската комисија, САД и многу европски земји да го промени ставот за Македонија и да ја одобри преговарачка рамка на самитот на ЕУ во јуни. Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, изјави дека доколку тоа не се случи тоа ќе биде „подарок за Русија“.

Во обраќањето Петков рече дека „бугарската влада нема да направи ништо без широка национална согласност и во согласност со коалицискиот договор“.

Според она што го изјави Петков во видео обраќањето произлегува дека одобрувањето на преговарачката рамка за Македонија е од најголема национална и државна важност за Бугарија, нешто поради што би можело да настане слом на државата.

„Во Консултативниот совет за национална безбедност треба да учествуваат сите партии, сите служби и претседателската институција. Министерството за надворешни работи треба да поднесе извештај за состојбата во преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија. Овој извештај ќе биде разгледан на редовниот коалициски совет следната недела“, рече тој.

Петков дополни дека никаков надворешен притисок не може да влијае врз позицијата на Бугарија и на кабинетот дека за тоа треба да има согласност на ниво на коалицискиот совет и потврден став од највисокото тело во земјата – бугарскиот парламент.

„Само Народното собрание го има конечниот легитимен мандат на тема Северна Македонија и тоа мора да биде апсолутно јасно за целото бугарско општество и за нашите надворешни партнери“, заклучи Петков.

Радев го свика Консултативниот совет во јануари за да расправа за Македонија и тогаш беа потврдени црвените линии кон Скопје. Таа седница беше одржана неколку дена пред посетата на Петков на Скопје.

„Премиерот не презема сам никакви обврски за темата Северна Македонија. Сè е предмет на дискусија прво во коалицискиот совет, а потоа во парламентот“, рече претходно во петокот Кирил Петков.

Владината коалиција е јасно поделена околу ова прашање. Има таков народ и БСП се децидни дека бугарската позиција не треба да се менува, а Продолжуваме со промената и Демократска Бугарија инсистираат на брза потрага по заемно прифатливо решение.

Комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеи, и помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид, беа во Бугарија оваа недела.

Вархеи рече дека планира нова посета на Софија во обид да ја смени позицијата на Бугарија против почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.

„За три недели се враќам во Софија“, рече тој по средбата со Петков,  Радев и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска еден ден претходно.

Вархеи посочува дека неговото враќање во Софија е да најде основа и поддршка од Бугарија за почеток на преговори со Македонија и Албанија во јуни.

Според него, стабилноста на Западен Балкан не може да се потцени, па затоа започнувањето преговори со Скопје и Тирана би било огромен придонес во оваа насока. (Н.В.)