Петков ќе ја предводи бугарската делегација во Рим на 24 мај


Бугарскиот премиер Кирил Петков

Бугарскиот премиер Кирил Петков ќе ја предводи бугарската делегација во Рим на 24 мај, каде се очекува да биде примен од поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциско.

Аудиенцијата кај папата Франциско, како што објавија бугарските медиуми, е планирана за 23 мај, по што Петков веднаш ќе се врати во Бугарија.

Оваа година делегацијата требала да биде предводена од претседателот на Парламентот Никола Минчев но тој го отстапил својот ред на Петков, кој сакал на Денот на Светите браќа Кирил и Методиј да демонстира единство со премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски и тоа да послужи како знак за симнување на ветото на Скопје.

Идејата на Петков била на 24 на аудиенцијата кај папата со Ковачевски заедно да добијат благослов од папата.Претходно било планирано на 22 мај заедничка владина седница во Скопје, но е откажана.Ковачевски пред неколку дена изјави дека нема усогласено заедничко решение што ќе послужи како основа на билатерален договор.

Минатата година преседателот Стево Пендаровски и неговиот бугарски колега Румен Радев заедно патуваа во Ватикан.Во 2018 година и тогашните премиери на Бугарија и на Северна Македонија Бојко Борисов и Зоран Заев заедно го чествуваа делото на Свети Кирил и Методиј. Тие ја посетија црквата „Санта Марија Маџоре“ и базиликата „Сан Клементе“, каде за првпат бугарски и македонски премиери заедно оддадоа почит пред гробот на Свети Кирил.