Петков: Големите умови ја нарекуваат Бугарија „културно чудо на Словените“


Вториот ден од официјалната посета на Рим, бугарскиот премиер Кирил Петков се поклони пред моштите на Свети Кирил и Методиј во базиликата Сан Клементе.

„Како премиер, му оддавам почит на делото на светите браќа Кирил и Методиј и ве повикувам  да се потсетиме и да го чуваме нивниот завет. Азбуката што ни ја дадоа светите Кирил и Методиј ја прави старата бугарска култура исклучително важна за европската цивилизација. А големите умови Бугарија ја нарекуваат културно чудо на Словените. И денес, во пресрет на 24 мај – големиот ден на бугарската духовност, важно е да се потсетиме дека на нас е да го зачуваме и пренесеме преданието на светите браќа Кирил и Методиј, да го зајакнеме бугарскиот збор“.

Попладне Петков ќе се сретне со премиерот  Димитар Ковачевски, а на средбата ќе бидат и министрите за надворешни работи, Теодора Генчовска и Бујар Османи.

„Со оглед на тоа што и бугарскиот премиер денеска е во Рим, ќе имаме средба на која ќе стане збор за напредокот на разговорите помеѓу министерствата за надворешни работи на двете земји“, порача Ковачевски по аудиенцијата кај папата Франциск во Ватикан.Ковачевски рече дека со  Петков имаат редовна комуникација која, како што рече, се одвива на најразлични теми.