Петар Атанасов си замина – не верувал дека ќе се промени образованието


Заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов поднесе оставка од функцијата. Преку јавно писмо на Фејсбук, обраќајќи се до премиерот Зоран Заев, објави дека оставката ја поднесува оти промените во образованието што ги навестиле не ги оствариле, дека се далеку од потребите на системот и не се менува севкупните состојби, а за ова знаел и премиерот. Тој укажува дека за 10. Месеци, колку што беше на позицијата, немал соработка со министерот. За него револуцијата што ја покренале почнала да ги јаде сопствените деца.

„Во овој кус период во МОН работев на повеќе прашања и проблеми и се обидов да се вклучам во што повеќе процеси. Морам да истакнам дека уште од самиот почеток не ми беше дозволено да формирам тим, со што ефектите од мојата работа би биле многу поголеми. Првите два месеца заедно со една поголема група изготвивме решение за јазлите во кои беше навлегол Филмскиот институт во Охрид. За жал, извештајот и предлог-мерките останаа во кабинетот на министерот. Неколку месеци работев заедно со неколку креативни луѓе на дизајнирање програма за воведување дигитализација и медиумска писменост во првите нивоа на образование. За жал, извештајот и предлог-мерките останаа во Вашиот кабинет. Работев и бев присутен во многу училишта, универзитети, факултети и образовни институции, заради воспоставување на директна комуникација и соработка со наставниците, професорите и вработените во целиот систем на образование. За жал, ова искуство и насобраното знаење не можеше да се реализира поради инертноста и бавноста на образовните институции. Имав интензивна соработка со структурите и научноистражувачките центри во Брисел, особено со експертска фела. Пред еден месец на моја иницијатива кај нас започна пилот-проектот СЕЛФИ, самоевалуациска алатка која многу ќе им помогне на наставниците во нивните планови и програми. За ова во Скопје допатуваа неколку претставници на European Training Foundation – ETF. Пред една недела, заедно со неколку претставници на Министерството за образование и Министерството за економија, остваривме регионални контакти и разговаравме за интензивирање на изработката на Стратегијата за паметна специјализација“, напиша меѓу другото Атанасов во јавното писмо до Заев.

Тој подвлекува дека главните приоритети во образованието треба да бидат подигнување на квалитетот на сите нивоа во образованието, создавање поквалитетна понуда за целото општество, не само за економијата, како и вложување во креативните потенцијали на наставниците, но, пред сè, на учениците. Најпрвин вели дека треба да се промени филозофијата на целото образование, а еден закон, или еден проект не може да ги дадат очекуваните резултати.

„За жал, моите очекувања дека преку политичкиот ангажман во изминатите шест години ќе влијаам во насока на реално подобрување на состојбите во општеството, особено во образованието и несебичното вложување за таа цел, не се остварија. Се чини дека иако декларативно сите говорат дека се залагаме да ги задржиме младите во државата, без вистинска реформа и поквалитетно образование, како и можност за поголем просперитет за младите, тоа нема да се случува“, додаде Атанасов.

Тој вели дека неговиот натамошен ангажман ќе биде во академската заедница.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми рече дека жали за одлуката на неговиот заменик бидејќи имале многу простор за соработка и да постигнат резултати. Токму реформите рече во образованието се приоритет на Владата.

„Имавме многу простор да соработуваме и да постигнеме резултати. Состојбата во образованието која е сега е резултат на повеќегодишно неработење и не било како приоритет. На оваа влада навистина ѝ е приоритет образованието“, посочи Адеми.

Според неофицијални информации, по реконструкцијата во Владата, се разгледува и смена на заменици министри. Наши извори велат дека меѓу нив била и смената на Петар Атанасов, кој меѓувреме поднесе оставка.

Вероника Мароска-Леова