Пет закони за образование утре ќе бидат ставени на ЕНЕР, треба да се донесат во ноември


Фото: Б. Грданоски

На Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР) утре ќе бидат ставени пет предлог-закони од областа на образованието, три нови за средно образование, за стручно образование и обука и за образование на возрасните, како и измени и дополнувања на Законот за основното образование и на Законот за Националната рамка за квалификации.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска смета дека до крајот на ноември законите ќе бидат доставени во Собранието.

Како што изјави денеска, во предлог-решенијата е изрегулирано се што недостасувало, поради што се очекува законите брзо да поминат и да почне нивната имплемнетација.

– Очекувам веќе утре сите пет закони во финална верзија да бидат објавени на ЕНЕР. Дел од забелешките и предлозите што ги имавме, се инкорпорирани. Таа фаза е завршена и од утре влегуваат во процедура, за на крај да стигнат и во Собранието. Верувам дека до крајот на ноември и тоа ќе биде завршено, напомена Јаневска, одговорајќи на новинарски прашања по настанот за заокружувањето на проектот за зголемување на привлечноста, релевантноста и инклузивноста на стручното образование и образованието на возрасните.

Според неа, законите биле релативно добро подготвени.

– Главно имавме коментари и барања од кои голем дел беа содржани, но некои и потенциравме, како инклузијата на учениците со посебни потреби. Во законот за средно образование воопшто немаше предвидено образовна асистенција, а сега ја предвидуваме, начинот на упис на овие деца, организацијата на помошта што ќе ја добијат, воведовме и координатори, како и наставници, односно стручњаци кои професионално ќе ги насочуваат децата. Генерално, го регулиравме дуалното образование, ги дефиниравме обврските на училиштата и вклученоста на компаниите. Изрегулиравме се што недостасуваше. Со оглед дека помиваме над 4 000 коментари, сметам дека законите би требало едноставно и брзо да поминат и да се почне со нивна имплемнетација, напомена министерката.