Пет општини ќе се справуваат со загадувањето на воздухот со помош на Шведска и УНДП


Во пет општини, Кавадарци, Струмица, Гостивар, Струга и Куманово, со најсовремена опрема и методологија, ќе се идентификуваат изворите на загадувањето на амбиентниот воздух, при што за прв пат, кога било во земјата, ќе се спроведе и мерење на загадувањето на воздухот во затворен простор. Истражувањата кои ќе ги врши Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и лабораторијата „Амбикон“ ќе се спроведат и во неколку училишта и градинки во општините каде што ќе се мери загаденоста не само со ПМ честичките, туку ќе се утврдува и анализира и присуството на епидемиолошки, бактериолошки и органски компоненти. 

За оваа намена, преку Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Сида) обезбедени се 2.284.309 американски долари , како и 25.000 американски долари од УНДП и дополнителни средства од општините.

Овој проект е втора фаза од проектот „Справување со загадувањето на воздухот “, финансиран од Шведска, кој го спроведува УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, со засилени мерки против загадувањето. 

Денеска во Штип, каде што беа презентирани опремата и методите кои ќе се користат за мониторингот, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, потенцираше дека добивањето вакви научни податоци и зајакнувањето на капацитетите на општините е од исклучителна важност во справувањето со аерозагадувањето. 

„Општините се главната алка во дизајнирањето на добри локални планови и соодветни и ефикасни мерки што одговараат на специфичните локални услови и во нивната имплементација. Ние ги помагаме и финансиски и логистички. Од нашите инвестициони програми досега имаме финансиски поддржано изработка на планови за справување со аерозагадувањето за 10 општини каде што мерењата покажаа највисок степен на аерозагадување“, рече Шукова.

Амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џаин, информираше дека Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Сида) продoлжува да и помага на Северна Македонија да се справи со предизвиците во заштитата на животната средина, со посебен акцент на проблемот со загадувањето на воздухот и управувањето со отпадот. 

„Денешниот настан ја демонстрира важноста на соработката помеѓу сите сегменти на општеството, а воедно нѐ потсетува дека борбата против загадувањето на воздухот не е само еколошки предизвик. Таа содржи и елементи на заштита на јавното здравје, социјална правда и одржлив развој.  Доколку ги мобилизираме сите средства кои ни стојат на располагање, ја имаме моќта заедно да го надминеме овој предизвик и да го трасираме патот кон посветла и поздрава иднина за сите граѓани “, изјави Ларсон Џаин.  

Постојаниот претставник на Обединетите Нации, Армен Григорјан, посочи дека преку студиите за распределување на изворите на загадување, локалната власт во петте градови ќе знае со сигурност што го загадува воздухот во нивните општини и на тој начин ќе може да се планираат и спроведуваат соодветни мерки. 

„Овој проект, исто така, ќе даде одговор и на прашањето за квалитетот на воздухот, не само надвор, туку и внатре, преку мониторингот кој ќе се спроведе во две училишта и градинки во секоја од петте општини. Овие анализи, кои ќе се спроведат во две фази, во тек и по грејната сезона, ќе овозможат релевантни податоци за квалитетот на воздухот во овие образовни институции“, изјави Армен Григорјан. 

Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ е втора фаза од истоимениот проект кој беше успешно реализиран во Скопје и е дел од потпишаната програмска рамка за соработка меѓу Сида (ведската агенција за меѓународна соработка) и УНДП, во рамките на која се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.