Пет избори во светот ќе ја дефинираат 2023 година


Неколку парламентарни и претседателски избори во светот оваа година, како и почетокот на  долгата изборна кампања за претседател на САД и за Европскиот парламент веќе во 2023 година, може да се покажат како многу важни за Европа.

Турција

Претседателското гласање во Турција на крајот на пролетта е особено важно – не толку поради судбината на администрацијата на шефот на државата, Реџеп Таип Ердоган. Прашање е дали во неговата амбиција да продолжи да доминира во политиката, економските и финансиските одлуки, религијата, образованието и многу други области, ќе остави простор за спротивставување во јавниот живот. Победата или поразот на Ердоган ќе бидат многу важни и за односите со Русија, Сирија, Иран и Блискиот Исток во целина, со ЕУ, САД и Кина, влијанието на Анкара во Источниот Медитеран, Западен Балкан, Кавказ, Централна Азија .

Луѓето во Турција имаат тенденција да ги нарекуваат сите претседателски избори историски – но изборите во јуни 2023 година навистина ќе бидат историски, изјави Ахмет Куру, професор по политички науки на државниот универзитет во Сан Диего, за платформата „Конверзејшн“. Според него, веќе постои сомневање дека потенцијалните кандидати за претседател се цел на притисоци, при што популарниот градоначалник на Истанбул беше затворен во декември – казна која, доколку се потврди по жалбата, ќе му забрани да се кандидира за каква било политичка функција. 

Ако победи Ердоган, тој ќе може да се претстави како втор најважен лидер во земјата по Мустафа Кемал Ататурк и основач на Турција во 21 век. Доколку Ердоган загуби, некои веќе се прашуваат дали ќе го прифати резултатот. Ваквото размислување во Анкара се чувствува насекаде, бидејќи може да уследи правна постапка против него и од него назначените владини функционери за малверзации и за корупција.

Исходот од изборите, исто така, ќе ја одреди иднината на односите религија-држава, при што турската Дирекција за верски прашања, која надгледува 80.000 џамии е клучниот сојузник на Ердоган и  веројатно ќе се најде со ограничени овластувања.

Грција

Набргу потоа, Грција ќе гласа на редовните парламентарни избори, а засега се чини дека конзервативниот премиер Киријакос Мицотакис ќе победи, но – за разлика од 2019 година – неговата партија Нова демократија може да биде принудена да бара коалициски партнер за да владее.

Една од причините е што во гласањето, кое мора да се одржи до јули 2023 година, за прв пат од 1990 година се отфрла правилото дека победникот со најмногу гласови добива бонус. Тоа се 50 места, а целта беше  да се добие постабилен парламент од стандардниот систем на пропорционална распределба од 300 места во Атина. Останува да се види како политичкиот систем на Грција ќе се справи со овој предизвик. Правилото важи 33 години и беше сменето со закон од страна на крајната левица Сириза во 2016 година, но стапува на сила сега. И нема да трае – во 2020 година, бидејќи набргу по доаѓањето на власт „Нова демократија“ го коригираше со поинаков и многу покомплексен систем на бонуси, кој ќе стапи на сила најдоцна до 2027 година. Дали сето ова нема да го забави процесот на одлучување во многу динамични времиња за Европа и светот?

Полска

Полјаците треба да гласаат на редовни избори за двата дома на парламентот наесен – некаде кон крајот на октомври или почетокот на ноември. Национално-конзервативната партија „Право и правда“, која владее од 2015 година, ќе мора да вложи многу сериозни напори за да ги добие овие избори. Веќе на крајот на минатата година, нејзините лидери покажаа дека се подготвени да употребат националистичка, антибриселска, популистичка, па дури и антигерманска реторика, но не е сигурно дека ќе им ја заврши истата работа како во претходните случаи.

Водечката опозициска партија на Доналд Туск, поранешниот претседател на Европскиот совет, го одржува националниот консензус за одбранбените прашања, атлантските врски со САД и помошта за Украина. Но, антиевропската позиција на властите е критикувана и итно се бараат одговори за контроверзните резултати и неуспеси во енергетската политика и од каде ќе дојдат – и каде ќе одат – десетиците милијарди евра и долари наменети за брзо вооружување на Армијата.

Ако владеечката партија  „Право и правда“  го загуби гласањето, тоа би го оставило Виктор Орбан уште поизолиран во Унгарија и ќе ги подобри односите со Берлин. Исто така, постои потенцијал Варшава да ја зајакне својата позиција како гравитациски политички центар за донесување важни одлуки за ЕУ, со оглед на фактот дека Источна Европа, поради војната во Украина, денес има поголема тежина.

Кампањата во САД

Како ќе функционира новиот состав на Конгресот во Вашингтон ќе се види оваа недела, кога ќе се конституираат двата дома по делумните избори на почетокот на ноември 2022 година. Ова ќе има значајна улога за изборната кампања во ноември 2024 година, која веќе е во тек. Кандидатите за Белата куќа треба да поднесат барање сега за да имаат време да соберат средства и сојузници пред да започнат партиските прелиминарни избори во јануари 2024 година. Демократската и републиканската национална конвенција за избор на нивниот кандидат се во летото 2024 година.  Џо Бајден може да си дозволи да чека ако тој веќе одлучи дека сака уште еден мандат, но кампањите на сите други треба да започнат најдоцна до летото и почетокот на есента.

Сето ова нема значително да ја промени во 2023 година политиката на Вашингтон кон НАТО, Украина и Русија или трговските односи со Европската унија и Кина, но може да открие процеси кои ќе испаднат како одлучувачки сигнали за промена од почетокот на 2025 година, кога ќе почнат мандатот на новиот претседател на САД и на тие во Капитол.

Нов Европски парламент и Европска комисија

За година и пол ЕУ ќе има нов парламент и состав на Европската комисија, а првите важни моменти од кампањата ќе се случат веќе во 2023 година. Изборите на кои ќе бидат повикани да учествуваат стотици милиони граѓани на ЕУ  треба да бидат пролетта 2024 година. Според резултатите, во летото 2024 година ќе се утврди и кој ќе биде претседател на Европската комисија, каква ќе биде нејзината структура и кои ќе бидат националните европски комесари, а нивното одобрување е наесен.

Но, во годината што штотуку започна, големите политички семејства на Европа, особено Европската народна партија, Партијата на европските социјалисти, либералитете и Зелените, ќе треба да разјаснат каква кампања ќе водат , дали ќе имаат единствен кандидат (систем кој не функционираше во 2019 година најмногу поради интервенцијата на Емануел Макрон), дали ќе има некои политички демонстративни акции како што е оградување од корумпираните национални лидери…

Други избори

Низ светот ќе има важни избори во клучните африкански и азиски земји со над 200 милиони жители, но нивниот ефект засега се чини дека нема директно влијание. Една таква земја е Нигерија, каде претседателските избори треба да се одржат на 23 февруари, осум години откако претседателот Мухамаду Бухари ја презеде власта во првиот мирен трансфер на власта во земјата. Тој треба да се повлече по два мандата, менувајќи го изборниот пејзаж, бидејќи  само по втор пат од транзицијата кон цивилно владеење во 1999 година актуелниот претседател не е  кандидат. Заедно со другите фактори, тоа го зголемува ризикот да нема јасен победник, а досега немало втор круг и изборната комисија ќе има само една недела да го организира. И сето тоа во време кога размерите на насилството што ја погодуваат Нигерија не се забележани од крајот на граѓанската војна во 1970 година.

Пакистан е земја во Азија каде треба да се одржат важни парламентарни избори, но таму не е ни јасно кога треба да бидат закажани. Лидерот на опозицијата, поранешниот премиер Имрах Кан, тврди дека ќе освои две третини од пратеничките места за да го промени уставот и да владее во мир, но дилемата е дали ќе се задоволи со помалку, и како?

Државата е во економска криза, еколошка катастрофа и криза на доверба во властите. Гласањето веројатно нема да донесе одговор на маките на Пакистан, кој треба уште да преговара со Меѓународниот монетарен фонд, бидејќи без дополнителен план за спас нема да ја има потребната ликвидност за функционирање на државата. И уште нешто – никогаш не можете да го исклучите изборното насилство од равенката. Пакистан е преплавен со пушки и силно поларизиран, а пред неколку недели имаше пукање во Кан на митинг. (Дневник. бг)