Пет „ер трактори“ гасат на Илинска Планина, кај Пробиштип пратени осум хеликоптери


Фото: Б. Грданоски

Утрово на територијата на Македонија активни се шест пожари, но откако ја добивме помошта во летала за гасење и дополнителни пожарникари од Европа, по активирање на Механизмот за помош на ЕУ, пожарите се гасат со по пет авиони, осум хеликоптери, а на непристапните терени испратени се и 46-те унгарски пожарникари заедно со теренските возила кои ги донесоа. 

Како што имформира ЦУК, денес претпладне активни се шест пожари на отворено и шумски пожари:

Така, во Општина Демир Хисар врз пожарот на Илинска Планина дејствуваат со концетриран напад од пет „ер трактори“ (еден на ДЗС, и по два германски и шведски). На тешко пристапниот терен на земја гаснат локални пожарникари со подршка на месно население.

Фото: Б. Грданоски

Во Општина Македонски Брод: с.Тажево – с.Брезница – крак кон Јасен, упатен е  тимот од Унгарија составен од 46 лица со специјални теренски возила и опрема а заедно со нив ќе гаснат и 50 припадници на Армијата и 20 локални пожарникари.

Фото: Б. Грданоски

Во Општина Пробиштип 1: с.Зелениград – с.Јамиште, се гаси  со концетриран напад со осум хеликоптери. Четири од нив гаснат од рано наутро (еден полициски, два армиски и еден српски) а останатите четии се два унгарски, и по еден словенечки и  чешки. На тешко пристапниот планински терен гаснат локални пожарникари со подршка на 30 припадници на Армијата.

 Општина Пробиштип 2: Во атарот на с.Стрисовци на земја гаснат 35 припадници на Армијата, 10 локални пожарникари како и вработени од Рудник Булмак, ЈКП, ДЗС доброволци од месното население. Од воздух им помага 1 хеликоптер од Чешка.

 Општина Пласница: с.Пласница – с.Латово, Македонски Брод, гори трева, грмушки и нискостеблести растенија. Во гаснењето учествуваат локални пожарникари и тим од Национални шуми.

 Општина Пехчево во с.Негрево, 10 припадници на ДЗС и 15 припадници на Армијата работат на целосно догаснување на пожарот кој сè уште има внатрешно горење, но од вчера е под целосна контрола.

Овој план во зависност од состојбата на терен како и состојбата на воздухопловите може да претрпи измени во било кој момент, соопшти директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

– Наш приоритет секогаш е безбедноста на луѓето (“сејфти фрст”), веднаш потоа населените места а потоа и зимзелена шума -информира Ангелов.

Рано утрово се одржал и брифинг со пилотите на воздухопловите од странство на кој тие беа запознати со активните пожари врз кои треба да дејствуваат во текот на денот .